| четврток, 6 декември 2018 |

Гонзалес: Максимално сме фокусирани за победа над Монпелје

vardar pres

Екипата на Вардар викендов го игра последниот натпревар во групната фаза во Лигата на шампионите. Противник е францускиот тим Монпелје кој иако доаѓа растеретен и е без релутатски императив, ако добие шанса за победа секако ќе ја искористи.
Вардар посакува со победа да го заврши овој дел на најелитното натпреварување со цел подобро место на табелата во групата.
Триумф в сабота речиси сигурно ќе им го донесе и третото место во групата, што само по себе значи и нешто полесни противници во нокаут фазата од натпреварувањето. Монпелје е ривал што „вардарци“ го совладаа рутински во првото коло во Франција со резултат 25-30, но тренерот Раул Гонзалез е свесен дека против себе има тим што никако не смее да биде потценет.

– Сакаме да стигнеме до третото место, за тоа да се случи ќе мора да славиме над Монпелје, но мора и Барселона да го победи Рајн-Некар Левен. Се наоѓаме во добар ритам, треба да го искористиме домашниот терен и со помош на навивачите да стигнеме до победа. Ќе има притисок, но ќе мора да го надминеме и да победиме в сабота – изјави Гонзалез.

Капитенот на „црвено-црните“, Филип Лазаров, исто така со респект гледа на саботниот противник.

– Монпелје е екипа што поседува квалитет, а згора на тоа доаѓа во Скопје растоварена, без никаков резултатски притисок. Сигурно ќе сакаат да приредат изненадување, но ние нема д аим дозволиме такво нешто. Се наоѓаме во добар ритам, влеговме во добра серија и треба да го искористиме тоа за да стигнеме до третото место во групата – истакна Лазаров.

Натпреварот се игра в сабота во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 17.30 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top