| четврток, 6 декември 2018 |

Културен шок за Скопје – Гуру повторно со концерт

Mултикултурната музичка група, која е најпозната по фуриозните настапи во живо, „Култур шок“, по повеќе од две години повторно доаѓа во Скопје, на 28 април во ноќниот клуб „Хавана“. Момчињата од Сиетл се на нова турнејска авантура насловена „Grandpa Guru knows it all!“, овој пат вооружени со песните од новиот мини-албум. По тој повод, од Срѓан Џино Јевѓевиќ – гуруто на ова етно панк-рок чудо – стигнува посебна порака само за македонската публика, која ви ја пренесува преку ова видео, а за само неколку дена ве очекува и средбата во живо за незаборавно искуство со лудата комбинација на панк, балканско етно и „валкан“ рокенрол.

Ова гостување на групата со преку 600 концерти досега е концертна промоција на новото и одлично издание насловено „Tales of Grandpa Guru, Vol 1“. Чувствувајќи се ограничено од пристапот кон „концептуален албум“, групата го напушти долгиот формат во корист на петте песни спакувани во мини-албум, кој го објавија во јули 2012 година, за нивната сопствена етикета „Култур шок рекордс“. Како една од најдобрите групи за наспат во живо, кои настапувале на три континенти во изминативе 12 години, „Култур шок“ одлучија дека општествените и политички коментари, спакувани во ништо помалку од брз и фуриозен етно-панк-метал, се нивниот повик во ова време. Како вообичаено, групата ги изложува овие три главни компоненти кои го одбележуваат нивниот звук и тоа беспрекорно интегрирани – не можете да одредите каде завршува влијанието на балканскиот фолк, каде детонирачката метал ритам-секција еруптира, како панк-рок непочитувањето го обвива сето друго –  а сѐ на крајот некако се претопува во заштитниот звук на групата. Иако често ги споредуваат со нивните колеги од поранешните турнеи „Гогол Бордело“ и поддржувачите „Систем оф а Даун“, „Култур шок“ низ годините создадоа комплетно нов жанр, со непогршлив тон и став.

Влезниците за концертот, кој ќе почне во 21.30 часот следната недела, се достапни во продажната мрежа на МКтикетс (Југотон, Кафе Круг – Аеродром, Кафе Браво, Цвеќара Роце – Веро 2). Цената во претпродажба е 250 денари, а на денот на концертот влезниците ќе чинат 300 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top