Екипата на Милан уверливо се пласираше во финалето на Купот на Италија откако во полуфиналниот двомеч против третолигашот Александрија славеше со вкупни 6-0. Во реваншот на „Сан Сиро“ избраниците на Синиша Михајловиќ со пет гола во мрежата на противникот ја подигнаа самодовербата на уште повисоко ниво.
Во финалето ќе се сретнат со подобриот од дуелот Јувентус – Интер, а „старата дама“ има огромни 3-0 предност од првиот натпревар одигран во Торино.
– За нас беше многу важно да влеземе во реваншот со вистински пристап, да одиграме квалитетни 90 минути и го сторивме токму тоа. Се пласиравме во финалето и тоа е многу значајно, но свесни сме дека најтешката битка за трофејот допрва претстои. Би сакал да играме со Јувентус, бидејќи доколку овој тим стане шампион тогаш би се бореле за два трофеи, најпрвин во Купот на Италија, а потоа следното лето и во Супер-купот на Италија. Како и да е, има многу време до финалето, за тоа ќе размислуваме во мај, сега мислите мораме да ги насочиме кон следниот меч од Серија А против Сасуоло – истакна Михајловиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.