Македонските репрезентативци Врбица Стефанов, Тодор Гечевски, Горан Самарџиев и Ристе Стефанов се излезени од една работилница, од една школа, која ја измисли и долго ја водеше Димитар Пецов.
Се одѕива на професоре и сите, не само во централниот дел од земјава што, барем малку се инволвирани во кошарката и во ракометот, точно знаат да прецизираат за кого станува збор. Можеби затоа што Димитар Пецов беше меѓу првите во Тиквешко што заврши ФФК, можеби затоа што сѐ што се случуваше во Кавадарци, а беше поврзано со екипен спорт, беше најтесно врзано за него, а можеби и поради неговиот карактер, кој едноставно привлекува, јасно е кој одговара на профилот. И во петтата деценија присуство во спортот, Диме е синоним за создавач на светски кошаркарски ѕвезди. Ако сте учествувале во привлекување, ако сте ги насочиле и сте им ги покажале првите чекори на Врбица Стефанов, Тодор Гечевски. Горан Самарџиев и Ристе Стефанов, тоа ве прави стручњак пар екселанс.
– Ми прават чест и тоа ме прави неизмерно среќен. Со сите наши кавадаречки ѕвезди останав близок, што се должи на соработката од некогаш, но и на тоа што тие се извонредни луѓе, кои знаат да ценат, да почитуваат. Мене, пак, ми е мило кога ќе видам што сѐ направив за нив и како тие наученото потоа го спроведоа во светска кариера – вели Пецов.
Брз, секогаш расположен за разговор, отворен и бескомпромисен кога станува збор за доброто на нашиот спорт. Таков е професорот. Има 67 години, вистински, типичен израсток на Тиквешко, со нешто поизразено „Ч“ и со постојан интерес за добра дружба.
Малку во Ниш, малку во Скопје уште во 1967 година заврши Факултет за физичка култура. Во средното училиште „Јосип Броз Тито“ или по ново „Добри Даскалов“ мина 40 години и сето тоа испреплетено со најважниот спортски колектив во централна Македонија, Тиквеш. Како најобразован му ги оставија во надлежност и ракометот и кошарката. И долго ги тераше двете, но иако почитуван и во двете дејности, ќе остане запаметен по креацијата во кралицата на игрите, кошарката. Некои присетувања се важни за сите.
– Врба (Стефанов з.а) беше бисер над бисерите и тоа не само за кошарка, но затоа што е многу чесен и праведен често знаеше да се налути, да изреагира. Многу мака видовме на почеток да го задржиме, да му овозможиме талентот што го имаше да исплива. Еднаш беше во МЗТ Скопје ама го вративме поради нерегуларности во договорот, а потоа замина во Работнички – се потсетува Пецов со забелешка дека и ден денес не му е јасно како Врбица Стефанов беше продаден за „една патика“.
И еден од најдобрите во нашата спортска антологија и другите тројца се дел од школата на Тиквеш иако професорот долго паралелно работеше и во Гимназијалец. Кога својата школа ја направи толку силна што почна да го победува и поголемиот брат, градот, таму некаде во деведесеттите години на минатиот век, безусловно донесе одлука да работи само во Тиквеш.
– Тоше (Гечевски з.а) дебитираше во првиот тим на 16 години. Сите ми велеа дека е рано, но јас бев упорен. Потоа сѐ се знае. И ден денес сме одлични, блиски. Кога играше во Солун за ПАОК со татко му бев да го гледам 22 пати. Кога доаѓа на кратко, пиеме кафе, кога има повеќе време се знае, на езеро, а тоа значи рибарење. Сите знаат дека Тоше сака риболов, но морам да ви откријам дека тој е, навистина, одличен рибар – во еден здив раскажува професорот. Не крие дека секој слободен момент го користи на својата викендичка на брегот на Тиквешко Езеро.
Од квартетот, двајца не ги достигнаа височините на Врбица Стефанов и на Гечевски, но тоа не е поради отсуството на талент или лоша работа од страна на нивниот прв тренер, туку поради околностите.
– Самарџиев ми е кумашинче и тврдам дека ако не беа повредите ќе беше светска класа. Покрај огромното знаење тој, како и Тоше, има една црта да обединува. Го имате него во екипата и не ви треба тренер. Што се однесува до Ристе Стефанов, сигурен сум дека тоа што му се случи е затоа што е премногу добро момче. Убеден сум дека го наместија во Грција – го изнесува Диме своето видување за минатогодишната суспензија на поранешниот репрезентативец.
Нема антагонизам кон Скопје
Ниеден спортски настан во Кавадарци не може да помине без професорот Димитар Пецов. Бидејќи кошарката е најважна во градот во последните години, често во салата Јасмин го следевма како бурно реагира на натпреварите, кои, по дефиниција, значат пресметка на Фени и на скопјани.
– Кај мене нема антагонизам кон главниот град или кон спортистите што доаѓаат од Скопје. Впрочем, кога ќе седнам на кафе во чаршијата (сите гости така го ословуваат централното градско подрачје з.а) нема пет минути, а да не се поздравам со некого. Сите тие ми се пријатели од терен и јас сум многу горд на тоа – вели Димитар Пецов.
Димитар во неколку наврати беше помошник во нашите селекции, и машки и женски, а во два мандата беше и во УО на МКФ. Ќе остане запаметен како единствен што не е претседател на државата, премиер или барем претседател на МКФ, кој доделил пехар во купот на Македонија (1998 година во финалето во Кавадарци: Работнички – Орка 80-78). Беше пријател, соработник со повеќе мецени, кои ги водеа и спонзорираа екипите на Тиквеш, но никогаш од никого не зеде, не се офајди и секогаш во преден план му беа децата.
– Кога Орце Камчев беше кај нас даваше колку што треба и не треба. Ми вели оди земи за сите и за тебе, а јас, што ќе треба за првиот тим одвојував, ама не ги заборавав и помладите. Имаше можности да носам сметки, да ќарам на ситно, но никогаш ништо не зедов. Можеби и затоа дојдов во ситуација да имам толку пријатели, а малку муабети зад грб – вели за крај професорот Димитар Пецов. Повеќе од заслужено низ годините ја заслужи нашата почит и статусот најголем пронаоѓач на кошаркарски таленти што е негова гордост, но и гордост на сопругата Благица, ќерката Софија и на синот Тимчо, кој успешно го наследи таткото во тренерскиот занает.
Разговараше: Перо Момировски – Р.С.Р.
Фото: Игор Ангеловски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Митко Јанчев: Јас слушам „Металика“, не беше мој избор да пее Цеца во Кавадарци
-
Зоран Заев во Кавадарци: Грозјето не е од татко ми или дедо ми, мора да се цени трудот на лозарите
-
Кавадарци ќе добие унифицирани такси возила
-
Македонија ќе победи: Мисајловски, Јанушев и Трајановски го придружуваа Мицкоски на чело на поворката во Кавадарци (фото)