Александар Наумоски, кандидат за градоначалник од опозицијата за скопската општина Ѓорче Петров, денеска изјави дека нема да учествува во третиот изборен круг од локалните избори.
Општинскиот штаб на СДСМ од оваа општина одлучил да ги повлече и сите контролори за, како што велат, „власта да оствари победа од 1.320 спрема нула, колку што има гласачи на тоа избирачко место, за да можел актуелниот градоначалник да оправда околу 50 милиони евра, пари кои ги немало во општината од 2005 година до денес“.
– Овие локални избори се тежок срам за нашата држава. Како и во цела Македонија, така и во нашата општина Ѓорче Петров, не одлучија граѓаните сами, туку одлучија притисоците кои сѐ уште ги спроведува државниот апарат. Факт е дека имаме партиско-полициска држава предводена од моментални властодршци по секоја цена. Како кандидат за градоначалник на Ѓорче Петров, единствено ми остана да поднесам лично, кривична пријава против Груевски, Ставрески и Сокол Митровски, заради грубо прекршување на моето активно избирачко право помеѓу првиот и вториот изборен круг – изјави Наумоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.