Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск денеска ќе ја посети Република Македонија, како дел од неговата агенда за изнаоѓање начин за менаџирање и решавање на бегалската криза, јави дописникот на МИА од Брисел.
Туск, како што најави неговиот кабинет, во Скопје ќе се сретне со македонскиот претседател Ѓорге Иванов.
– Во фокусот на разговорите на претседателот Иванов и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, ќе бидат напорите за постигнување на заедничко европско решение за бегалската криза, како и процесот на евроинтеграција на Република Македонија, соопшти Кабинетот на Иванов.
Предвидено е најнапред да се одржи тет – а – тет средба на Иванов и Туск, а потоа пленарен состанок на двете делегации.
Првиот човек на Евросоветот до 3 март, покрај Скопје, ќе ги посети и Виена, Љубљана, Загреб и Атина. Целта на оваа негова мини турнеја, според соопштението од Советот на ЕУ, е „градење на европски консензус за справување со миграциската криза и подготовка на Самитот со Турција закажан за 7 март во Брисел и Самитот на Европскиот совет на 17-18 март“. Од кабинетот на Доналд Туск соопштија дека челникот на Европскиот совет исто така ќе се сретне и со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и со извршниот директор на Фронтекс, Фабрис Легери и тоа во петок (4 март) во Брисел.
Посетата на Туск на земјите низ кои се протега западнобалканската мигранстка рута е во контекст на неодамнешната одлука на Самитот на Европскиот совет да се врати ситуацијата кога сите членки на Шенген зоната „целосно ќе го применуваат Шенгенскиот граничен кодекс и ќе одбијат влез на надворешните граници на државјани на трети земји што не ги исполнуваат условите за влез или кои не доставиле барање за азил и покрај тоа што имаа можност да го сторат тоа“.
– За реставрацијата на целосното функционирање на Шенген зоната ќе биде потребно време и тоа мора да биде придружено од мерки за решавање на хуманитарните последици за земјите-членки што се погодени, како со хуманитарна помош за сириските бегалци и за земјите од соседна Сирија, се наведува во соопштението на Европскиот совет по повод посетата на Туск на земјите од Западен Балкан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Туск го предупреди Лондон да не ја користи тактиката „раздели, па владеј“ во текот на преговорите
-
Туск идната недела доаѓа во Македонија за мигрантската криза
-
Туск: Трамп е закана за Европа колку и Русија, Кина и исламистите
-
Иванов – Туск: И покрај предизвиците, проширувањето на ЕУ мора да продолжи