| четврток, 6 декември 2018 |

Туск го предупреди Лондон да не ја користи тактиката „раздели, па владеј“ во текот на преговорите

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск ја предупредил британската влада, во текот на преговорите за Брегзит да не ја користи тактиката- „раздели, па владеј“ кон земјите членки, јавуваат британските медиуми.

Станува збор за можноста, Британија да ги користи своите досега уредени билатерални врски со некои од земјите во Унијата, за да си обезбеди „сојузници“ во преговарачкиот процес, за обезбедување поповолни услови.

Некои медиуми во Лондон, минатиот месец открија дека министри од владата на премиерот Тереза Меј веќе се обиделе да најдат земји-членки кои би „навивале“ за Британија во двегодишниот преговарачки процес, ветувајќи им противуслуга од британска страна.

Повеќе европски политичари веке остро реагирале на ваквите обиди од Лондон, за разбивање на единството во ЕУ, со предупредување дека на тоа Европа би можела да возврати на сличен начин, користејќи ги Шкотска, или Северна Ирска кои се противат на Брегзит и кои бараат начин за посебни врски со Унијата.

– Брегзит не направи заедница од 27 држави кои сега се порешителни и пообединети од порано. Јас сум цврсто убеден во тоа, изјави Доналд Туск во изјавата што ја пренесуваат британските медиуми.

Во кусата изјава по примањето на писмото од Меј со кое формално започнува процесот за излегување на Британија, Туск рече дека 29 март „не е среќен ден за ЕУ, но и за Британија“, забележувајќи дека приближно 50 отсто од Британците, на референдумот од 23 јуни минатата година, се определија за останување на земјата во ЕУ.

Гласачите во Шкотска и Северна Ирска и во осум милионскиот Лондон, во големо мнозинство гласаа против Брегзит, но британските медиуми, а пред се антиевропските, во еуфоричното „збогување со Европа„ ја истакнаа само „тагата“ на Туск по Британија, а не и неговата забелешка дека 29 март не е среќен ден ниту за Британците, барем за половината од нив.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top