Фала му на Господа, денес, Бог ми го спаси животот. На денот на Крстот… Но, која е верата и дали е вера омразата кон крстот? Да те убијат заради крстот, а им возвраќаш со мир и со љубов… Веќе видено од ИСИС во Ирак и Сирија…
Македонците се и православни и католици и муслимани и Албанците се православни и католици и муслимани… И во Албанија и во Македонија и во Косово… Но…
Денес беше голем ден за осветување на темелите на Крстот во Бутел. Настанот помина во одлична организација, беше преубаво, благодарност до сите кои со присуството го овековечија осветувањето.
Очигледно беше присуството на полицијата од раните утрински часови. Соодветно на настанот беше и обезбедувањето на местото на осветувањето. Имаше индиции за настан од висок ризик според најавата на гостите и контра реакциите. Секоја чест на полицијата, како и секогаш, во интерес на јавниот ред и мир, си ја извршија професионално задачата…
Откога се’ заврши, со двајца пријатели се упативме кон Гази Баба, јас им предложив да седнеме на чорба во ресторанот “Казабланка” на влезот во Скопски саем. Имав покани и од други за други места, но реков, ќе си го земам лап-топот од општината, ќе каснам чорба во ресторанот до општината и ќе заминам дома да се одморам. Сакав да одбегнам народ, евентуални провокации, денот беше посебен…
Кога влеговме во ресторанот, внатре немаше гости, ниеден освен келнерите. Сончево беше времето, предложив да седнеме надвор на терасата. Видов дека има една група мажи, дваесетина, уште една маса со два тројца, другите маси не беа поставени и внатре се вративме. Видно беше дека масата со дваесетте гости ме приметија и за мене коментираа. Мислев, гости се со повод. Одбрав маса, го оставив мобилниот и торбичката и тргнав накај тоалетот рацете да ги измијам. Се стрчаа двајца по мене, млади, од друштвото на тераса, видов ме бараа каде сум. Некоја сила ме одврати, си реков ако влезат по мене во тоалетот може да не излезам. Се вратив во ресторанот, ако ме нападнат барем ќе можам помош да повикам. И веднаш кај гардеробата до тоалетот ме затепаа со боксови по главата. Се повлеков во сепарето до гардеробата, грбот и бубрезите ги заштитив во ќошот а со рацете главата. Дојдоа уште тројца и почнаа сите со боксови по глава и ребрата крвнички да ме удираат. Ме тепаше и Беќир Асани шефот на огранокот на ДУИ за Чаир. Се качи еден и на маса, со клоци ме удираше по глава како што бев подвиткан. Помислив дека ќе ме убијат. Ги прашав повеќепати додека ме удираа “Што ви сторив?” Ми велеа “Ти ли ќе градиш крст?” и “Во Чаир да не си стапнал!” “Во Чаир да не те видиме!” Викав помош и полиција се’ додека ме удираа, никој од келнерите не притрча да помогне… Едниот пријател со мене припомогна, ама и него го изудрија и го тргнаа. Другиот пријател истрчал да јави по полиција.
На крај од тепањето, од терасата влезе во ресторанот и Изет Меџити, градоначалникот на Чаир, потпретседател на ДУИ, се погледнавме убаво, ништо не прозборевме, ме виде крвосан и изудрен, и со тепачите заминаа. Не можеше да не знае што прават неговите сопартијци, заедно на иста маса седеа. Тој не ме спаси. А, службено сме соработувале, јас сум помошник на градоначалникот на Гази Баба. Сме се поздравувале со Меџити на јавни средби со должна почит. Со негова покана на мое барање бев во делегација на Светскиот Македонски Конгрес, положив цвеќе кога Чаир го откри споменикот на Ѓорѓија Кастриот Искендер во Скопската стара чаршија. Освен тогашниот претседател на Собранието Љубиша Георгиевски, никој друг од Македонците не присуствуваше. Заедно бевме и на академијата за Ѓорѓија Кастриот Искендер во Опера и балет. Само икебаната од 100 каранфили на СМК стоеше на бината пред говорницата… Како тогаш не бевме, а сега заради крстот, СМК за ДУИ стана центар против Албанците? Како и да е, за тоа во друга прилика…
Со прокрварен нос и отечен во лицето од ударите, побарав од шанкерот да повика полиција и брза помош, ми одговори сам да си побарам… Седнав на масата и се јавив за полиција и брза помош. Дојдоа веднаш и ме однесоа во Ургентниот центар. Имав болки во главата и градниот кош од ударите… Ми направија снимки, ренген, скенер, немам скршеници, немам потрес на мозокот. Да, имам болки, ама ќе поминат. Ме задржаа на опсервација со инфузии… Преживеав, ама загрижен сум дека нема само на ова да заврши…
Истите луѓе, иста агресија и насилство, организирана мафија која го тероризира градот и државата. Истите Беќир Асани и Изет Меџити на сечењето на металната конструкција на црквата музеј на Калето… Истите Беќир Асани и Изет Меџити на кршењето на споменикот на Цар Душан на “Мостот на цивилизациите” на Вардар пред Уставниот суд… Истите Беќир Асани и Изет Меџити денес за осветувањето на крстот во Бутел…
Си велам, ако со мене како јавна личност, вака постапија, како им е на луѓето од секојдневието… Од она што го гледам во општината каде работам и слушајќи ги секојдневно маките на стотици и стотици, знам колку им е тешко. И честопати се проколнувам кога не можам да им помогнам, а се жртви на тивко етничко чистење. Се селат, Господ знае каде одат, како да се под инвазија и окупација. Се купува земја, куќи, се менува етничката и верската карта на Македонија. Сиромаштијата ги принудува луѓето на емиграција во странство, но ова е уште пострашно…
Чаир објави насока на окупација. Со месеци беше облепен со билборди на албански “Го љубам Бутел”. Се купуваат имоти во Бутел за баснословни цени, за Македонците да се иселат. Градат џамии дивоградби, никој ништо не им може. Градат преку ноќ куќи дивоградби, кој ќе им ги сруши, за нив државата не функционира, а се во власта, во државата… Погледнете ја само куќата пред касарната Илинден карши Американската амбасада. Дивоградба со решение за рушење, ја легализираа. Погодувате чија е? Само во Гази Баба има три џамии со решение за рушење, дивоградби, ама никој не ги руши, војна ќе избие… Ами на други места уште колку…
Бил јас, не бил, не сум се плашел од ништо во животот досега, па ни отсега. Знам што сакам и не се кријам зад мојата мисла, јавно ја соопштувам. Никого не сум навредил. Критикувам, но никогаш не сум повредил нечиј морален и личен интегритет, ја почитувам приватноста и личноста. Ги куражам сите Македонци во Македонија и во светот да бидат храбри и самоуверени, да бидат достојни, да си ја сакаат татковината, никого да не мразат, од никој и од ништо во светот и на векот да не се плашат и да не се срамат. Не продавајте ги имотите што ја менува етничката и верската карта на Македонија, по ниту една цена! Секој метар квадратен од Македонија е бесценет! Чувајте ја Македонија!
Нападот
не беше до Тодор Петров, туку до Македонскиот Народ, Црква и Држава. Омразата против крстот е омраза кон Македонците. Со тоа државата и општеството треба сериозно да се позанимаваат.
И секако, очекувам надлежните да ги пронајдат насилниците и напаѓачите, соодветно да ги казнат…
Ова што ми се случи, не посакувам никому да се повтори.
Најважни се животите и имотите на граѓаните, независно од демонстрацијата на разликите, секој има право на мирен собир…
Само тој што не бил тепан како мене, не знае какво е чувството. Луѓево беа полни со омраза за одмазда, случајната средба им ја исполни желбата.
Им благодарам на сите пријатели од Македонија и од целиот свет, за грижата за моето здравје и за поддршката. Господ да им врати со здравје и убавини.
Но, Голем е Господ, со Крстот во Бутел денес тоа со љубов го покажавме.
Или ќе се научиме на ред и поредок и на еднаква примена на Законот за сите или ќе ја губиме тивко државата…
И после се’, пак заедно како и досега ќе се бориме и пак заедно ќе победиме! Македонија од исконот до бескрајот! Македонија вечна! За многаја лета Крстот во Бутел, за многаја лета Македонијо! Амин!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Петров: Одлуката на Уставниот суд ќе го зацврсти ставот за бојкотирање
-
Тодор Петров: Владата и Собранието ќе одлежат доживотно во Идризово!
-
Тодор Петров: Заев одработи за бугарскиот и грчкиот идентитет на Македонија, Македонците треба да одработат Заев да заврши во Идризово за велепредавство
-
Тодор Петров му запали свеќа на Ќосето