МЗТ потешко од очекувањата со комплетен пресврт во второто полувреме дојде до толку посакуваната победа на домашен терен над Тајфун од 77-70 и теоретски успеа да избори опстанок во АБА лигата оваа сезона.
Македонскиот состав повторно одигра натпревар со многу осцилации, но за разлика од бројни претходни примери кога „паѓаше“ кога беше најпотребно, овојпат „сино-белите“ одиграа на ниво токму во финишот, целосно бришејќи го лошиот впечаток што го оставија со очајната втора четвртина.
Иако македонскиот шампион можеше да обезбеди и опстанок и со евентуален пораз, калкулациите ги остави настрана и поакажа карактер кога беше најпотребно.
Мечот започна како што посакуваше тренерот на металците Александар Јончевски и по само неколу минути игра имаше предност од 10-3. Сепак по тајмаутот на Тајфун гостите заиграа понагажирано што резултираше со минимално водство од 21-22 на крајот од првата четвртина.
Најслабата четвртија на МЗТ оваа сезона во АБА лигата беше втората и токму и на овој натпревар се докажа тоа. Гостите од Словенија дојдоа до предност од десет поени разлика (23-33) во среднината на вториот период и тоа им даде надеж на избраниците на Михевц дека можат да дојдат до победа.
На полувремето се замина со 39-47, а веќе во второто кошаркарите на МЗТ заиграа како што му доликува на актуелен шампион во домашното првенство. Барем за момент „металците“ ја вратија контролата над резултатот откако направија серија од 6-0 на самиот почетокот на второто полувреме. Урош ЛУковиќ беше прецизен од поле за првото израмнување (50-50), по што продолжи битката поен-за-поен. Наместо да осигураат победа уште на почетокот, „металците“ мораа да се борат со мотивираните кошаркари на Тајфун сè до крајот на средбата. Во последните десет минути се влезе со минимални два поени предност за домаќинот (61-59). Кошаркарите од словенечкиот тим влегоа во криза со реализацијата, па застанаа на 59 поени сè до 35. минута. Паркер ја прекина „штамата“ од линијата за слободни фрлања за намалување на 66-60 по што се „расонија“ и неговите соиграчи па ја намалија негативата на само три поени (70-67), при овој резултат гостите промашија неколку шутеви, по што МЗТ мирно го приведе мечот до крај, до конечните 77-70.
Братскиот тандем во редовите на клубот од Аеродром функционираше одлично во текот на целата средба. Марко Луковиќ постигна 16 поени и четири скокови додека неговиот брат Урош забележа два поени помалку на кои придодаде и шест скокови. Дреновац уфрли 15 поени, додека капитенот Стојановски го заврши мечот со 14 поени, 4 скока и 2 украдени топки.
За гостите, Паркер уфрли 14 поени, еден повеќе од Кларк.
МЗТ Скопје во рамките од последното коло од АБА-лигата следниот викенд ќе му гостува на хрватскиот шампион Цедевита.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)