– Моето дете оди во градинка. И моето. И моето. Јас не успеав да го запишам, сѐ е преполно – ова се муабетите што најчесто можат да се слушнат меѓу младите родители. Многу деца, а малку градинки. Токму затоа државата си зададе мисија да помогне и да го стимулира отворањето приватни детски градинки за да се одговори на зголемените потреби за ваков вид институции. Ова претставува и една одлична бизнис-идеја, која, освен што би вршела општествено корисна дејност, би значела и добар извор на приходи за невработените или за тие што сакаат да почнат нешто свое. А државата, освен парична помош во вид на грантови за тие што ќе се решат на ваков чекор, нуди и многу други поволности како што се почетна цена од едно евро за еден квадратен метар за градежно земјиште за градење приватна детска градинка, како и намалување за 95 проценти на комуналните такси при градење на таков објект. Сѐ на сѐ, одлична можност за бизнис.
– За отворање приватна градинка потребни се добра локација, пари и кадар. Парите што државата ги дава за оваа намена во висина од 10.000 евра не се ни многу, не се ни малку. Како и да е, треба да се вложат и сопствени средства за проектот да има успех. Значи, освен објект, потребна е и опрема за училници, креветчиња за спиење, кујна во која ќе се подготвуваат оброците. А сето тоа чини. Плус тоа, треба да се обезбеди соодветен кадар што ќе се грижи за дечињата, но, сепак, секоја помош е добредојдена и помага – вели сопственичката на една приватна градинка.
Доделувањето на грантот, кој државата го дава за отворање приватна градинка, изнесува 10.000 евра и отсега почнува да се нуди како можност, односно се работи за пилот-проект.
Заинтересираните правни лица и евидентирани невработени лица, при аплицирањето за учество во оваа активна мерка треба да достават бизнис-план, кој треба да содржи:
- Утврдена локација на објект што ќе се реновира и приспособува или ќе се гради нов објект за детска градинка, врз основа на Правилникот за стандарди и за нормативи за вршење на дејноста на установите за деца, како и условите и одредбите содржани во Законот за заштита на деца.
- Проект за изградба на нов објект или проект за реконструкција на постојниот објект, во согласност со Правилникот за стандарди и за нормативи за вршење на дејноста на установите за деца, како и условите и одредбите содржани во Законот за заштита на деца.
- Соодветниот објект треба да содржи минимум две училници за згрижување деца од предучилишна возраст, како и помошни простории во согласност со Правилникот за стандарди и за нормативи за вршење на дејноста на установите за деца.
- Правното лице има обврска да реализира минимум 4 нови вработувањa во период на отворање на градинката и тоа две лица воспитувачи и две лица негувателки, со обврска да ги задржи во работен однос најмалку 18 месеци.
Значи невработените, но и правни субјекти, кои сакаат да отворат приватна детска градинка, можат да аплицираат за грант од 600 илјади денари на огласот што деновиве го објави Министерството за труд и за социјална политика и Агенцијата за вработување, а ќе трае 20 дена. Предност во искористувањето на оваа финансиска поддршка, велат надлежните, ќе имаа невработените. Плановите се годинава да поддржат отворање на 10 приватни детски градинки за што имаат обезбедено буџет од 6 милиони денари. Велат дека мерка ќе влијае и за отворање нови работни места бидејќи тие што ќе искористат грант ќе бидат обврзани да имаат најмалку четири вработувања и капацитет за сместување и за згрижување 40 дечиња.
Заинтересираните треба да достават апликации до сите центри за вработување. Потоа ќе следува нивно отворање, па евалуација, со тие што ги исполнуваат условите ќе биде потпишан договор. Просторот може да биде изнајмен и за него треба да има договор од најмалку три години или да е сопственост на правен субјект или физичко лице.
– Во наредниот период од три години по добивање на средствата Агенцијата за вработување ќе врши надзор дали се врши дејноста за која се доделени средствата – изјави Влатко Поповски, директорот на Агенција за вработување.
Од АВРМ досега немаат понудено олеснувања за отворање приватни детски градинки. Јавниот оглас објавен на 15.2.2016 година е прв од ваков вид, затоа и во Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2016 година, оваа активна мерка се води како пилот-програма.
Според заменик-министерот за труд и за социјална политика, Диме Спасов, приоритет е зголемување на бројот на детски градинки, посебно во општини и населени места во кои нема.
– Ќе се рангираат во зависност од бројот на апликации и од интересот, нивниот бизнис-план и локацијата каде што ќе биде детската градинка – наведе Спасов, нагласувајќи дека за приватните ќе важат стандардите за јавните градинки утврдени со Правилникот на ресорното Министерство во однос на бројот на вработени, квадратурата на објектот, бројот на простори, опременоста…
Со поволностите за стимулирање и за отворање приватни градинки што ги усвои Владата во септември 2013 година, бројот на вакви капацитети за згрижување деца е зголемен од 10 на 25, а се отворени и шест приватни центри за ран детски развој.
Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 181. број на неделникот „Република“, 19.02.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.