| четврток, 6 декември 2018 |

Деца спиеле на душеци на подови, цевки од парно им виселе над глава: На две приватни градинки им се заканува затворање

Децата спиеле на душеци на подови, цевки од парно им виселе над глава, несоодветни простории, како и лоши хигиенски услови. Ова се дел од неправилностите што ги констатирале инспектори од министерството за труд и социјална политика во две приватни детски градинки, по една во Скопје и во Битола. Објектите се пред затворање.

– За време на контролите на приватните детски градинки социјалните инспектори констатирале неправилности во работењето. Имаат рок од 8 до 30 дена да ги подобрат условите, во спротивно ќе бидат затворени – изјави за „Сител“ Ибрахим Ибрахими, министер за труд и за социјална политика.

Во меѓувреме социјални инспектори ги контролираат и игротеките во целата држава, по добиени сознанија дека некои од нив противзаконски згрижувале деца и работеле како градинки. Министерот е категоричен дека кога се работи за најмладите, нема да има никаква толеранција.

– Кога се работи за деца нема да има прогледнување низ прсти за никого, бидејќи децата се иднината на оваа држава – категоричен е Ибрахими.

Според законот, сите воспитувачки и негувателки мора да имаат положено стручен испит за да добијат лиценца за работа од ресорното министерство.

Во Македонија има вкупно 21 приватна детска градинка. Месечно за згрижување дете наплатуваат од 10.000-25.000 денари. Иако цените им се високи, некои од нив не ги исполнуваат основните услови за работа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top