| четврток, 6 декември 2018 |

ФФМ подготвува тужба против Драган Томовски

ffm 1

Фудбалската федерација на Македонија ќе покрене судска постапка против Драган Томовски, кој е на чело на иницијативниот одбор за смена на претседателот на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски, поради соопштенијата во кои според нив се објавуваат невистини и лаги.
Во продолжение ви го пренесуваме соопштението од „Куќата на фудбалот“ во целост.

– Фудбалската федерација на Македонија, за жал, нема инструменти со кои би можела да се бори против секојдневното труење на јавноста од страна на Драган Томовски, овласен член на т.н „Иницијативниот одбор” за комуникација и претставување на иницијативата пред јавноста и средствата за информирање.

Новиот обид со евтин сензационализам да се освојат симпатиите на јавноста и да се соберат „лајкови” е злонамерен, едностран, некоректен и вовед во расипана пропаганда. Ваквиот начин на комуникација не соодветствува со практиката на ФФМ. Нема да допуштиме да не води сензационализмот, тривијалноста, обезвреднувањето на трудот, ликувањето по пораз.

Конструктивната критика е добредојдена. Навредлива критика може да се поднесе, но за изнесување лаги, невистини, груби манипулации и поставување тенденциозни прашања ќе мора да се најде одговор во судска постапка. Фудбалската федерација на Македонија ќе ги искористи сите правни средства за да го заштити својот углед и интегритет. Во судска постапка ќе се дадат одговори на сите тенденциозно поставени прашања.

Драган Томовски веќе извесно време објавува разни сензационалистички, а невистинити информации, и од тогаш се труди да го задржи тоа ниво.

Аргументите, фактите и ставовите не смеат да бидат заменети со поттикнување и уживање во ниски страсти само поради лична корист.

Од таа причина, Фудбалската федерација на Македонија ќе покрене судска постапка против Драган Томовски за изнесените невистини во објавените написи за работата на федерацијата.

Фудбалската федерација на Македонија е отворена за секој конструктивен предлог или идеја која ќе го подобри нашето фудбалско живеење. Во таа насока, жално е доколку Драган Томовски манипулира и со дел од нашите фудбалските величини – се вели во соопштението на ФФМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top