ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение посочи дека и во 2009 година и сега стои зад измените во Законот за помилување кои беа предложени до Уставниот суд. Со тие измени се предвиде да не може да има помилување за одредени категории осуденици како оние на кои им одредена казна за дела поврзани со избори, педофилија и слично, се вели во соопштението на ВМРО – ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ посочи дека останува на ставот дека не треба да има помилување за овие кривични дела.
-ВМРО-ДПМНЕ е партијата која и покрај противењето на СДСМ во 2009 година ги предложи измените во Законот за помилување. Со тие измени се предвиде да не може да има помилување за одредени категории осуденици како оние на кои им одредена казна за дела поврзани со избори, педофилија и слично. ВМРО ДПМНЕ останува со ист став и денес. Секој што сторил каков било криминал, треба да одговара. Таков беше ставот и кога обвинетиот криминалец Зоран Заев беше аболициран од страна на Бранко Црвенковски. СДСМ денес во препознатлив стил се обиде да ја манипулира јавноста и да лаже дека ВМРО ДПМНЕ стоело зад одлуката на Уставен суд. Затоа ВМРО ДПМНЕ отворено се сомнева дека токму СДСМ има најголем интерес за една ваква одлука, стои во сопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Во 2009 година со едно мислење, денес со друго
СДСМ и нејзините пратеници во Собранието на 9 јануари 2009 година гласале против предлозите на Министерството за правда за ограничување на правото на претседателот на државата да помилува лица осудени за педофилија, дрога, тероризам и изборни нерегуларности. Истите оние кои тогаш тврдеа дека измените на законот за помилување се противуставни, сега протестираат пред Уставниот Суд.
Не само стенограмите, туку и видео снимките од оваа седница покажуваат дека пратениците согласно партискиот став биле против измените на Законот за помилување. На листата се наоѓаат имињата на пратеничката Цветанка Иванова, Јани Макрадули, Андреј Петров, Марјанчо Николов и други.

Во своите дискусии пратениците на СДСМ тврделе дека ваквите измени се спротивни на Уставот. Сметале дека нема основа токму овие кривични дела да бидат издвоени. Истакнале дека секој може да се покае и ресоцијализира и дека Законот не смее да ги третира различно и построго сторителите на овие специфични кривични дела.
-Не треба да му веруваме на претседателот , на овој , на идниот, на кој и да е, затоа што тој е избран од сите овде што сме во Собрание со најголем број гласови со поддршка на голем број на граѓани и мислам дека ваквото право треба да му биде оставено. Јас тврдам дека овој закон, делови од овј закон, ќе паднат, нема да ја издржат оценката на уставност и законитост и тогаш мислам дека ќе треба веќе еднаш во оваа држава да се сносува и политчка одговорост за неуставни одредби, а за кои пратеници во ова СОбрание укажуваат на таа работа, вели пратеничката на СДСМ Цветанка Иванова на 9 јануари 2009 година во Собранието.
Дополнително, Иванова го прашувала тогашниот министер за правда Михајло Маневски, каде во регионот и светот постои вакво ограничување на овластувањата на шефот на државата.
Но, за разлика од тогаш, истата пратеничка на СДСМ денеска има поинаков став. На својот фејсбук профил таа вчера го осудила прифаќањето на иницијативата во Уставниот Суд. Ако во 2009та сметала дека измените на Законот се против уставни, таа сега смета дека Уставните судии се срам иако тие постапуваат согласно ставот на СДСМ изразен во 2009 година.

Слична контрадикторност може да се забележи кај најголем дел од тогашните пратеници на СДСМ.
-Остануваме на ставот и тврдиме дека овој прес е противуставен, затоа што ги ограничува надлежностите на претседателот и апсолутно го доведува во прашање принципот на избор на претседател на непосредни избори, затоа што му се одземаат правата и не кореспондира со онаа јавна расправа за која што говоревме за уставнот цензус во вториот изборен круг, односно намалувањето на 40% што беше предмет на денешната пленарна седница. Дополнително со ваков закон се воведува дискриминација во РМ, затоа што за одредена група за сторители на кривични дела се констатира, со ваквите измени и дополнувања, дека не е возможна ресоцијализација, што апсолутно не е во согласнот ниту со темелните вредности на Уставот, ниту со она што значат надлежности на претседателот на републиката, рече пратеникот од СДСМ, Емилијан Станковиќ тогаш.
СДСМ ги менува ставовите според дадените услови
Дебатата за можноста за помилување на претседателот се чини дека е омилена на СДСМ, а ставовите се менуваат според моментите, односно дадените услови. На пример, кога претседател на државата беше Борис Трајковски, СДСМ во 2003 година со помош на структури кои и денеска ја следат во политиките, како Хелсиншкиот комитет, се бореа да му се одземе правото за помилување, а потоа законски да се врати на следниот претседател, под претпоставка дека ќе биде од СДСМ.
Колку ваквите дејствија се издржани, уште тогаш кон нив критика упати дури и Љубомир Фрчкоски, преку своите колумни во весникот „Дневник“.
„Не можам да не почнам со две брилијантни идеи на СДСМ и Хелсиншкиот комитет околу предострожностите со член 11 од Законот за помилување . Замислете си што им текнало на експертите од овие два табора: прво (предлог на СДСМ) да се укинел членот 11 кој му дава право на претседателот да помилува без вообичаената процедура за да овој претседател не го злоупотребувал, а подоцна кога ќе дошол друг претседател (веројатно некој од СДСМ) тој член можел и да се врати ??? Со што веројатно сметаат дека докажуваат дека не мислат да ја кршат уставната положба на поделените власти, туку само педагошки го казнуваат конкретниов претседател. Браво бе експерти! Вие правите поголема грешка од сите до сега: персонално дизајнирајќи закони: за овој или за оној претседател. Па ова е невиден напредок за правната држава. Којзнае каде ќе ви биде крајот на инспирацијата. Вие сте како онаа ТЕТКА која ја крие теглата со џем од детето кое ја јаде неконтролирано. Кога ќе порасне и ќе се опамети, ќе му ја симне од горните полици на шпајзот.“

„Оној несреќен Хелсиншки комитет предлага МИРУВАЊЕ на институтот ПОМИЛУВАЊЕ до истекот на мандатот на овој претседател ( ако го добие и другиот мандат тогаш и “даље”) за да не го злоупотребел! Па, помилувањето не е измислено ВИЕ да се играте со него, ниту да се натегаат со него институциите на власта – тоа е “право” на осудените лица или оние кои се гонат. Дали вие се ставате во положба да им го ускратите тоа право (затоа што евентуално се сомневате дека во некој случај е злоупотребено тоа средство-право)? Вие наместо заштита и промоција на правата истите предлагате да се укинуваат, суспендираат, што инстантно ве трансформира во (демир) ХИСАРСКИ комитет ?“- анализира Фрчкоски во колумната „Тегла џем“.
Кога сепак смената на претседателите се случи онака како што претпоставуваа во СДСМ, по Трајковски во претседателскиот кабинет седна Бранко Црвенковски, ставовите во опозицијата се променија. Црвековски дури беше и поздравуван заради аболицијата на сегашниот партиски лидер Зоран Заев.

На почетокот на 2009 година, пак, се предлагаат измени со кои се намалува опсегот на претседателот во однос на помилувањето, во оние делови кои сега повторно се вградуваат во ингеренциите. Тогаш, СДСМ заедно со капацитетите на СОРОС тврдеа дека ограничувањето на правото за помилување е противуставно. Во таа насока се правеше и медиумска кампања, како на пример текстот во Утрински весник од 4 јануари 2009 година на Гордана Дувњак, познат поддржувач на политиките на СДСМ. Текстот е насочен токму во насока на барање на она што се случува деновиве, и е реакција на иницијативата на измените предложени од ВМРО-ДПМНЕ. Со тие предложени измени помилувањето за изборни инциденти би се оневозможело, што жестоко беше напаѓано како против уставно.
Денес, по 7 години, истите манипуланти во и вон СДСМ изигруваат загрижени за истата работа која што ја прикажуваат уставна или противуставна во зависност од условите. Денес соросовата мрежа на невладини организации организира протести против прифаќањето на иницијативата за испитување на уставноста, на истиот закон кој на пример го бараа со Хелсиншкиот комитет, а потоа ја коментираа како длабоко навлегување во надлежностите на функцијата претседател.
СДСМ дефокусирајќи ја јавноста отвора пат за амнестија на синот на Верушевски
Курир вчера објави дека подметнувањата кои ги прави изминативе денови за Законот за помилување се очигледни. Луѓето од СОРОС и СДСМ порано тврдеа дека ограничувањето на правото за помилување е противуставно. Но, сега манипулираат и прават протести.
Се работи за класично подметнување каде иницијативата на еден адвокат се поистоветува со ВМРО-ДПМНЕ. Владејачката партија, пак, беше иницијатор на измените на законот за да НЕ се помилува за изборни насилства, педофили и терористи – напиша порталот Курир, додавајќи:
СДСМ со ваквото подметнување и неискрен однос има за цел да ја држи темата актуелна и да се претстави како душегрижник. Синот на првоосомничениот во „Пуч“, Зоран Верушевски, треба да одговара за дела поврзани со детска порнографија. На овој начин СДСМ дефокусирајќи ја јавноста за изборните насилства и лепејќи се исклучиво на таа тема, сака да даде можност и отвора пат за амнестија на синот на Верушевски, соработникот на Зоран Заев.

ВМРО-ДПМНЕ посочи дека СДСМ продолжува во својот препознатлив стил и шема на манипулаирање да се обидува да ја манипулира јавноста и да лаже дека ВМРО ДПМНЕ стоело зад одлуките на Уставен суд.
-Јавноста неодамна преку медиумите дозна дека СЈО без основа го побарало и предметот за педофилија кој се води против членови на семејството на Зоран Верушевски, осомничен во предметот „Пуч“ и близок соработник на Зоран Заев. Затоа ВМРО ДПМНЕ отворено се сомнева дека токму СДСМ има најголем интерес за една ваква одлука. Соросовите невладини кои организираат протести пред Уставниот суд како и обично се таму за да го одбранат интересот на СДСМ – прокоментираа тие.
СДСМ и Зоран Заев сфатија дека специјалната јавна обвинителка Катица Јанева не успеа да направи ништо, бидејќи за нејзините сомненија нема никакви докази и јавноста сфати дека се конструира политичка хајка. Темата што сакаа да ја наметнат за наводни избори нерегуларност, од јавноста и експертската јавност беше прочитана уште вториот ден – коментира Курир.
По кривичните пријави за поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и генераниот секретар на Владата Кирил Божиновски, народот ги прочита СЈО и Јанева дека политички одработуаат и затоа анкетите за СЈО се такви.
Според познавачите, наметнувањето со темата за Устаниот суд е начин како да ја продолжат самите наводната афера со изборни нерегуларности, напаѓајќи го ВМРО-ДПМНЕ неосновано, а паралелно да отворат и простор за можност за синот на Зоран Верушевски, кој самиот одговара за педофилија. Не е исклучено зад ваквата тактика да стои лично Верушевски или пак српската агенција Фактор Плус Адриа, која воедно во јавноста објавува штелувани анкети, но дури и на тие анкети СДСМ повторно губи. Оваа српска агенција е блиска до агенцијата Рускин и Хант која што е компромитирана ПР-агенција која во српските медиуми се оценува како продавачи на скапа магла, и чии луѓе го советуваат и лидерот на опозицијата Зоран Заев – пишува порталот.
Уставниот суд е столб на држвноста- СДСМ го напаѓа од политички причини
Уставниот суд е столб на државноста и уставноста и идејата на СДСМ е да го обои политички и е во контекст на нивното сценарио на рушење на државноста, институциите и столбовите на суверенитетот.
Сосема е јасно дека СДСМ од политички причини го напаѓа Уставниот суд. Дали СДСМ сака да направи уште една дневно-политичка манипулација и дали е тоа дел од постојаната деструктивна кампања на СДСМ не е најважно, најважно е тоа што СДСМ сака со сите сили да ги подрие сите институции во Република Македонија и преку тотална деструкција да го уништи целиот систем граден со децении.
Ваквото делување покажува дека СДСМ се против институциите во Република Македонија, односно против државата. СДСМ ги поткопаа сите темели на државноста, последен во тој поход им е Уставниот суд. Тезата на СДСМ очигледно е “секоја институција што не ја контролираме треба да се уништи“. Институциите се независни и непартиски само ако се под строга контрола на СДСМ.
Не е точно дека се укинува можноста некој да одговара за уставни нерегуларности или за педофилија. Секој што направил кривично дело ќе си одговара за тоа што го сторил, односно ова не е расправа на Уставниот суд дали ова кривично дело да постои или не – пишува Курир.
СДСМ продолжува со притисоци врз Судот, исто како во минатото
СДСМ со насилни протести пред судовите во минатото се стави во одбрана на своите членови од легални судски постапки. И тоа често пати протестираа со пратеници, што е чист притисок на законодавната, партиска власт врз судската.
Јавноста ги памети насилни протести пред суд за на екслидерот, и поранешен министер, Владо Бучковски да не му биде одреден притвор за случајот со тенковските делови, собирање потписи за слобода и организирање на митинг за правда за фармерот Душко Илиевски од Битола во чиј двор беше пронајден канабис, протести пред суд со барање за ослободување за градоначалникот на Струмица и сегашен лидер Зоран Заев, осомничен за корупција од 8 милиони евра… се само дел од низата.
Во 2007 година иако беше обвиненет за злоупотреба на службена положба и овластување и дека го оштетил Буџетот за три милиони евра со набавката за резервни делови за тенковите Т-55, Бучковски, сепак, не заврши во притвор. Судот донесе одлука Бучковски да се брани од слобода. Откако во Собранието му беше одземен пратеничкиот имунитет, го доставил пасошот како гаранција дека нема да побегне од државата. За време на седумчасовниот распит голем број членови и симпатизери на СДСМ протестираа пред судот. Вратите на судот беа блокирани од партиските симпатизери и од полицијата.
Сличен беше притисокот на социјалдемократите и при апсењето на Зоран Заев. Откако беше приведен, СДСМ го напушти Собранието, пратеничката група на СДСМ се упати пред Основниот Суд Скопје 1, на протести. Колоната пред судот ја предводеше тогашната лидерка на партијата Радмила Шекеринска. Таа ја обвини власта за политичка диктатура и убиство на демократијата. Сепак, партиското раководство на СДСМ беше тоа кое примени комунистичка диктатура и се обиде на сила да влезе во судот. Челниците на партијата влегоа во судир со полицијата, но ситуацијата брзо беше ставена под контрола.
Истото се случува и сега кога социјалдемократите протестираат за слобода на фармерот Душко Илиевски. Пратеници од СДСМ, предводени од Менде Диневски и Весна Бендевска и претседателот на општинската организација, Васко Ковачевски, со протести пред судот и општината бараат ослободување на Илиевски, иако во неговиот двор беа најдени стебла канабис сатива.
Сето ова покажува дека тоа е стил на однесување на СДСМ, полн со агресија и ароганција.
За тоа дали некој ќе одговара за изборни нерегуларности и дали ке има санкции кон некого не е надлезен Уставниот суд, туку надлежно е МВР, кое е под контрола на СДСМ. Останува отворено прашањето како МВР сега стана професионално, демократско и непартиско кога генералниот секретар на СДСМ е министер. Очигледно, за СДСМ се’ што е под нивна контрола е демократско, а се што размислува спротивно од нив е лошо и недемократско.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата
-
Што говореше за Уставот пред да се предомисли предавничката Александрова и да ги гласа измените? (видео)



