Културните организации „Локомотива“ и Центарот за современи уметности (ЦАЦ), од Скопје ја добија највисоката награда од Швајцарската програма за култура во Западен Балкан за нивните практики и извонредност во работата реализирана во сферата на современата култура и уметност.
На 11 и 12 април, претставниците од двете организации, Биљана Тануровска – Ќулавковски од Локомотива и Никола Писарев и Анита Ивковиќ од ЦАЦ, во Сараево, Босна и Херцеговина, беа дел од финалната манифестација на Швајцарската програма за култура насловена “Културни средби – соработка, достигнувања и перспективи”
Локомотива ја доби наградата за највисока посветеност во развојот и промоцијата насовремениот танц на Балканот преку проектот НОМАД танц академија, имплементиран во периодот октомври 2007 – декември 2010, во партнерство со Станица (Белград), Танцеларија (Сараево), Фичо Балет (Љубљана), Тала Данс (Загреб) и БрејнСтор (Софија).
Овој проект допринесе, како што беше истакнато на унапредување и професионализација на современиот танц на Балканот, промовирајќи го како општествено релевантна и инклузивна уметничка форма и воспоставувајќи нов модел на регионална соработка преку регионалниот едукативен систем за современ танц, овозможувајќи систематска поддршка на продукциите и соработничките програми, како и со претставување на резултати во регионот и пошироко на начин кој допринесува во развојот на публиката.
Центарот за современа уметност е награден за унапрадување на свеста, поттикнување на локални акции и безусловна посветеност на руралниот културен развој на Балканот низ регионалниот проект „Култура на руралните заедници“, реализиран од април 2009 до март 2012 во соработка со организацијата АТТА од Призрен, Мозаик фондација од Сарајево и Школа на ивица на опстанок од Ниш.
ЦАЦ ја доби наградата, како што беше истакнато за регионалниот проект кој примени иновативен пристап во развојот на културата на руралните заедници, овозможувајќи на локалните актери и организации да реализираат проекти и да изградат сопствени активни заедници. Со тоа ја унапреди културната понуда на руралните региони, допринесувајќи воедно во развојот на самите села. Допринесе во артикулурање на релевантните општествени прашања, поттикнувајќи го нивното креативно решавање низ нови партнерства.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.