Вечерва се одиграа реванш дуелите од 1/16-финалето од Лига на Европа.
Лудница во Базел.
Домаќинот поведе со голот на Зуфи во 15. минута, а до самиот крај Базел за малку не успеа да ја сочува својата предност. Да потсетиме, резултатот од првиот дуел беше 3-2 за Сент Етјен, па гостите со сите сили напаѓаа за да постигнат вреден гол.
И го постигнаа. При самиот крај во 90. минута прецизен беше Сал. Сепак, не беше тука крајот, домаќинот не се предаде, постигна гол во дополнителниот период и тоа преку нивниот херој на вечерта, Зуфи.
Лацио на домашен терен успеа да го совлада незгодниот Галатасарај со 3-1 и да си обезбеди 1/8-финале. Во првиот дуел пред една недела во Турција резултатот беше 1-1.
Првото полувреме во Рим беше без голови. Лацио поведе преку Пароло во 59. минута. Минута покасно Андерсон го постигна вториот гол за водство од 2-0. Набрзо за момент беше вратена неизвесноста на натпреварот со голот на гостите во 62. минута кој го постигна Озтекин. Но, крај на сите дилеми стави Мирослав Клосе во 72. минута кој го постави конечниот резултат од 3-1.
Ливерпул со минимални 1-0 успеа да се извлече против Аугсбург. Единствениот гол на натпреварот беше постигнат на самиот почеток, Милнер беше прецизен во 5. минута од пенал. Среќата беше на страната на избраниците на Клоп, тензијата траеше до последниот свиреж на судијата, затоа што првиот натпревар заврши со 0-0.
Валенсија е во одлична форма. По победата од 6-0 на домашен терен против Рапид, вечерва без проблеми и во гости победи со високи 4-0. Тимот на Гери Невил во 1/8-финалето се пласира со вкупен резултат од 10-0. Стрелци беа Родриго, Фехоули, Пијати и Везо, сите голови беa постигнати во второто полувреме.
Манчестер Јунајтед го слави Маркус Рашфорд. Се прашувате кој е тој? Овој играч прво едвај стигна до клупата за резерви, а потоа дури и се најде во почетниот тим на Ван Гал откако се повреди Антони Марсијал. Изборот се покажа одличен – Рашфорд постигна два гола и им обезбеди на Јунајтед 1/8-финале во Лига на Европа.
„Црвените ѓаволи“ имаа негатива од 2-1 од првиот натпревар со Митјиланд, а вечерва Ван Гал имаше големи проблеми со повредени играчи, па мораше да комбинира и „да фрли во огин“ неколку млади играчи. Дури и самиот натпревар почна лошо за домашниот тим. Во 28. минута поведоа гостите преку Систо.
Сепак, само 4 минути подоцна, по центаршутот на Депај, Бодуров постигна автогол. Имаше шанси Јунајтед на пауза да замине со водство, но Мата промаши пенал во 43. минута, поточно гостинскиот голман Андерсен одбрани.
Во второто полувреме на сцена стапи Рашфорд, прво постигна гол во 64. минута по одличната асистенција од Мата, а 11 минути подоцна го зголеми водството на 3-1, резултат со кој Манчестер веќе е патник во следната фаза.
Но, не застанаа тука „црвените ѓаволи“. Митјиланд целосно беше понижен на „Олд Трафорд“. Прво Херера од пенал зголеми на 4-1, а Депај стави точка на натпреварот за конечен резултат 5-1.
Наполи не успеа на домашен терен да обезбеди победа над Виљареал. Од првиот дуел шпанците имаа минимални 1-0, што се покажаa како сосема доволни по денешниот нерешен исход од 1-1. Хамшик му донесе водство на Наполи, но крај на сите надежи им стави голот на Пина во 59. минута.
Резултати:
Брага – Сион 2-2 (2-1 прв натпревар)
Локомотив Москва – Фенербахче 1-1 (0-2)
Шалке – Шахтјор 0-3 (0-0)
Атлетик Билбао – Олимпик Марсеј 1-1 (1-0)
Ливерпул – Аугсбург 1-0 (0-0)
Краснодар – Спарта Прага 0-3 (0-1)
Лацио – Галатасарај 3-1 (1-1)
Баер – Спортинг 3-1 (1-0)
Рапид Виена – Валенсија 0-4 (0-6)
Тотенхем – Фиорентина 3-0 (1-1)
Порто – Борусија Дортмунд 0-1 (0-2)
Наполи – Виљареал 1-1 (0-1)
Базел – Сент Етиен 2-1 (2-3)
Молде – Севиља 1-0 (0-3)
Олимпијакос – Андерлехт 1:2 (0:1)
Манчестер Јунајтед – Митјиланд 5-1 (1-2)
Извлекувањето на двојките за 1/8-финалето ќе се одржи утре во Нион со почеток во 13 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.