Францускиот институт во Скопје ја претстави годишната културна програма „Културни патеки“. Директорката на Институтот и советничка за култура и соработка при Амбасадата на Франција Изабел Марки – Барбо истакна дека за оваа година е предвидена разновидна, богата и многу амбициозна програма и дека годишно повеќе од 7.000 граѓани ги посетуваат настаните што тие ги организираат.
Марки – Барбо рече дека културната програма оваа година ќе биде во знакот на современото творештво и новите француски идеи.
– На некој начин Францускиот институт сакаше оваа година да ја стави во знакот на модерноста, сакаме тие нови идеи да ги шириме околу нас и меѓу младите, рече директорката на Францускиот институт.
На 21 март во Скопје ќе се одржи манифестацијата „Вкусот на Франција“ со францускиот готвач Оливје Рош. Во рамки на „Танц-фест Скопје“ на 18 и 19 април во Скопје, Битола и во Велес ќе гостува компанијата на Бинту Дембеле, чиишто танчари, исто така, ќе одржат и професионални работилници за хипхоп и за современ танц.
Од 15 до 18 јуни ќе се одржи 9. издание на Францускиот филмски фестивал, на кој повторно ќе му претходи натпревар за мини видеа направени со паметни мобилни телефони.
Директорката на Францускиот институт Марки – Барбо на прес-конференција одржана во средата, 24 февруари, информираше дека од 7 март до крајот на август оваа година 100 фотографии од Браќата Манаки ексклузивно ќе бидат изложени во Меморијалот во Каен во Нормандија. Оваа изложба е резултат на соработката на регионот на Нормандија и Македонија.
– Улогата на Францускиот институт е, исто така, да ги промовира македонските уметници во Франција. Француските медиуми нашироко ќе говорат за таа прекрасна изложба, рече таа.
На 19, 20 и 21 март во Македонија ќе се одбележи Франкофонијата под мотото „Францускиот јазик корисен јазик за вашата иднина“. Во тој контекст ќе се одржи голем настан во Младинскиот културен центар во рамки на кој се организира интерактивна работилница на тема францускиот јазик за професионална употреба, отворање на Саемот на франкофонски компании и оператори во Македонија, тркалезна маса и дебата „Францускиот јазик и глобализацијата“ со учество на експертот по геополитика и менаџер Ив Монтене и друго.
Во мај во Скопје во рамки на проектот „Балкански градови на иднината“ ќе гостуваат Мишел Лари-Шарлис, одговорна на секторот за уредување на градот Бордо и Жак Леви, експерт по политичка географија и професор во Лозана. Во Македонија исто така во мај гостин ќе биде познатиот француски фудбалер Лилиам Турам, претседател на фондацијата „Со образование против расизмот“, во рамки на проектот „Фудбал без граници“.
Како новина, директорката на Францускиот институт ја најави можноста за стажирање на млади во француски и франкофонски компании.
Марки – Барбо посочи дека минатиот петок во Париз се одржа бизнис форум на кој учествуваа 50 француски компании со цел да се запознаат со Македонија и со условите за инвестирање.
– Сметаме дека за француските инвеститори ќе дојдат во Македонија доколку тука наидат на франкофони, којшто би можеле да им помогнат. Од тие причини смета дека е многу важно младите да одат и да студираат во Франција. Секоја година околу 50 млади одат и студираат во Франција, истакна таа потсетувајќи дека тие помагаат со одреден број стипендии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.