Првата опција во нападот на РК Вардар на позицијата среден бек е Игор Карачиќ. Но, тој веќе 20 дена е надвор од стројот поради операција извршена веднаш по завршувањето на Европското првенство каде со Хрватска го освои третото место.
Вардар в недела го игра клучниот натпревар во Лигата на шампионите против Пик Сегед и победата е императив за искачување на табелата на едно коло до крајот на групната фаза.
Како што информираат „вардарци“ на својата официјална веб-страница, Хрватот веќе е вратен во Скопје и полека се рехабилитира, меѓутоа лекарскиот тим процени дека не е мудро сега да се ризикува, туку подобро е тој целосно да се врати во тренажен ритам и да биде максимално подготвен за игра. Ова значи дека Раул Гонзалез нема да може да смета на својот стартен среден бек, по што притисокот повторно ќе падне врз Лука Циндриќ, кој кој мора сам да го понесе товарот.
Вардар моментно се наоѓа на петтото место на табелата и евентуален пораз во Унгарија од Пик Сегед би значел и губење на шансите за напредок бидејќи до крајот на групната фаза ќе остане само уште еден меч, на домашен терен против Монпелје, кој би немал поголема резултатска важност. Од друга страна, „црвено-црните“ со евентуална победа над Пик Сегед би се искачиле на третото место на табелата, кое ќе значи и добивање на послаб ривал во првата нокаут фаза од ЛШ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.