| четврток, 6 декември 2018 |

Возачот што ја прегази студентката Фросина седна на обвинителна клупа

Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по обвинителниот акт на Основното јавно обвинителство – Скопје, одржа главна јавна и усна расправа против обвинетиот Љ.В. за сообраќајната несреќа што се случи на 3.04.2015 година на бул. „Партизански Одреди” во близина на крстосницата со ул.„Костурски Херои” во Скопје и во која животот го загуби Фросина Цековска од Крива Паланка.

frosina ubistvo

Јавното обвинителство на Република Македонија ја достави интегрално писмената изјава од Наташа Гоџоска, јавен обвинител во Основното јавно обвинителство – Скопје:

„Со поднесениот обвинителен акт обвинетиот се товари дека сторил две кривични дела и тоа: кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 во врска со член 297 ст.1 и кривично дело – неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 од Кривичниот законик.

По воведните зборови на Обвинителството, на осомничениот и неговиот бранител, се пристапи кон изведување на предложените докази.

Од страна на Обвинителството до Основниот суд доставени се предлог докази во насока на потврдување на основаноста на поднесениот обвинителен акт. Предложени се докази по однос на утврдување на идентитетот на сторителот, како и докази по однос на релевантни околности од кои Судот ќе може да се увери и надвор од секое разумно сомневање ќе донесе осудителна пресуда со која обвинетиот ќе го огласи виновен за кривичните дела за кои се товари.

Во текот на главната расправа ќе бидат презентирани неколку вештачења за сторените конкретни пропусти во сообраќајот (неприлагодена и неприспособена брзина и утврдениот процентот на алкохол кај сторителот во моментот на случување на сообраќајната несреќа), како и судско медицински извештај од обдукцијата на сега покојната Фросина Цековска, од кои ќе може да се утврди причинско-последичната врска на сообраќајната несреќа со смртниот исход. Освен ова, предложено е и испитување на сведоци – очевидци на настанот.“​

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top