Во Центарот за култура во Битола целовечерни концерти ќе одржат Македонската опера и балет (МОБ), Македонската филхармонија, националниот ансамбл „Танец“ и други уметници.
Од националната установа Центар за култура-Битола информираат дека подготовките за претстојните настани се во тек, а од неодамна почна да се реализира и нова културна содржина, стенд-ап комедии со актерите Марјан Ѓоргиевски од битолскиот театар, и Никола Тодоровски од театарот во Охрид.
– Први во овој серијал големи културни настани ќе настапат МОБ со популарната кантата „Кармина Бурана“. На сцената во големата сала на центарот за култура ќе има 150 уметници, меѓу нив и солистите Игор Дурловски, Наде Талевска и Горан Начевски, кои на 5 март ќе ја најават пролетната сезона во Битола. Веднаш потоа ќе бидат одржани концерти на Камерниот оркестар на Битола, националниот ансамбл на народни песни и игри на Македонија – „Танец“, и овој дел од годината ќе го заокружиме со концерт на Македонската филхармонија – истакна Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура-Битола.
Менаџерскиот тим на НУ Центар за култура-Битола деновиве се подготвува за 18. издание на Интернационалниот фестивал за монодрама, а паралелно се организираат и се одржуваат редовните, но и нови културни содржини.
– Новина се стенд-ап комедиите кои ги приредуваат Марјан Ѓоргиевски, актер во Народен театар-Битола и Никола Тодоровски, професионален актер во охридскиот театар. Интересот за оваа новина е голем, а со не помал интерес се следат редовните кино-претстави. Во текот на месец март на сцените во Центарот за култура ќе има и театарски претстави за деца кои ќе ги приредат членовите на Детскиот театар „Бабец“ – посочи Димитровски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.