Почнуваат меѓународните прес-конференции во организација на Венециското биенале на архитектура 2016 и Италијанските центри на културата низ Европа на кои учество ќе земат претседателот на Биеналето, Паоло Барата, и кураторот на Биеналето, познатиот архитект Алехандро Аравена.
На претстојните прес-конференции ќе биде најавена програмата на 15. издание на Меѓународната изложба на архитектура („Известувања од фронтот“), на која ќе настапат и македонските претставници во рамките на Националниот павилјон на Македонија, студиото за дизајн и за архитектура „Стоун дизајн“ од Скопје, со проектот „Ничија земја“, проект – визуелен одговор/видување и интерпретација на македонските автори, кон зададениот тематски предизвик.
Автори на проектот се Стојан Павлески, Иван Симеонов, Ѓорѓи Радовановиќ и Љупчо Тасевски. Куратор на проектот е Стојан Павлески, комесар на проектот е д-р Иванка Апостолова.
Турнејата на меѓународните прес-конференции започнува од 22 февруари во Венеција, 23 февруари во Лондон, 24 февруари во Париз, 25 февруари во Берлин, 29 февруари во Њујорк и на 2 март во Сантиаго де Чиле.
Меѓународните прес-конференции започнуваат во клучните светски метрополи и пазари на современите уметности.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.