| четврток, 6 декември 2018 |

„Македоника литера“ го објави романот „Констанца Ринг“ од Амалија Скрам

Друштвото за издавачка дејност „МАКЕДОНИКА литера“ од Скопје, неодамна го објави романот на норвешката писателка Амaлија Скрам „Констанца Ринг“ во превод од англиски јазик на Елена Тренчева.

„Констанца Ринг“ е првиот роман на норвешката писателка Амaлија Скрам (1846-1905), објавен во 1885 година и кој е неодминлив во класичната скандинавска и светска литература. Контрoверзен и експлицитен, романот им е посветен на сексот, неверството, бракот, правата на жената и моралната хипокризија. Во него е раскажана приказна за млада жена – главната хероина, која очајно се спротивставува на силите кои го воспоставуваат животот на жената во едно општeство кое, пак, ѝ нуди малку избори. Во романот Скрам ги изнесува своите беском­промисни ставови за религијата, бракот и двојните стандарди за мажот и жената во тогашното општество.

Уште со објавувањето овој прв роман на Амaлиja Скрам го следеле контрoверзи и критики поради експлицитните описи и „негативното“ претставување на бракот. Прогресивните творечки ставови на Амaлиja Скрам и нејзините наративни способности да го наслика интимните борби на жената во конзервативно општество и денес го прават актуелно кај читателите во светот.

Амaлија Скрам (1846-1905) се смета за една од најзначајните норвешки авторки на модерната. Феминистка по убедување, таа ги артикулира ставовите на жената преку нејзиното натуралистичко пишување. Родена е и живеела во Берген, Норвешка, каде што се омажила и живеела со своите синови сѐ до нејзиниот развод во 1878 година. По нејзиното нервно растројство се преселила во Осло, во 1881 година, и ги започнала своите литературни активности. Во 1884 година стапила во брак со данскиот писател Ерик Скрам и се преселила во Копенхаген. Во обид да ги исполни трите улоги на мајка, професионалец и жена, Амaлија Скрам повторно доживеала психичко растројство. Го продолжува својот живот во ментална институција. Умира по шест години, во својата педесет и осма година.

Освен „Констанца Ринг“, други нејзини дела се романите „Луси“, „Изневерена“, „Божиќ“, „Луѓе“, книгите раскази „Лето“, „Кнут Тандберг“, драмата „Агнет“ и други.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top