Минатиот петок Македонија се разбуди со неверување. Не можеше да се свести дека Катица Јанева со сиот ум на својот прв случај му го даде името „Титаник“. Ни помалку ни повеќе – директно прејудицирајќи тонење на актуелната власт. И додека сите нормални се чудеа на невкусот и на безобразието, ликуваа и славеа само на „Павел Шатев“, но и тие експресно ги изгасија скарите и се вратија на пиењето. За да ја „удават“ тагата, нели. За жал, на СЈО и на СДСМ, сѐ што направија со овој непромислен акт е создавањето на новата поговорка: „Кој на друг Титаник му готви, сам во него тоне…“ И така би. СЈО се закопа, СДСМ се дозакопа со сопственото тонење. За уште поголема жал на Катица Јанева, која бесрамно и со политичка цел ја употреби најголемата бродска несреќа во која во далечната 1912 загинаа 1.514 луѓе, нејзиниот „Титаник“ има сличности и неколку паралели со вистинскиот. Интересно, но се совпаѓаат повеќе причини за тонењето на двата „Титаника“:
1
– Најлуксузниот брод на светот се удри во санта мраз. Не можеле да ја заобиколат. Македонскиот „Титаник“ на Јанева удри во законот. СЈО не можеше да го заобиколи…
2
– Вистинскиот „Титаник“ возел пребрзо. Доколку се движел побавно, ќе можел да ја заобиколи сантата. „Титаникот“ на Јанева, исто така, возеше пребрзо. Притиснат од барањата на СДСМ, паниката од приближување на изборите и итната потреба да се направи нешто, СЈО излезе со неаргументирани обвиненија и барања за притвор. Желбата на Заев ја забрза Јанева, која со вака склопени обвиненија, не можеше да го постигне саканиот циркус со притвори на министри…
3
– Кормиларот на „Титаник“ во последниот момент свртел десно место лево. За актуелниот кормилар на СДСМ, словенечки „Репортер“ пишуваше дека како млад сакал да сврти десно, но во последен момент, воден од моментниот бизнис-интерес, влегол во левичарска партија. Иако, во СДСМ и така има само левучари, но не и левичари…
4
– Клучни делови од конструкцијата на „непотонливиот“ брод биле направени со заковки од лош, неквалитетен челик. Целиот случај на СЈО и со Јанева е формиран на „озборување“и се темели на „бомбите“ на лидерот, без добри докази и сведоци. Несоодветен, неквалитетен материјал за суд…
5
– Клучот од двогледите, со кои, можеби, порано ќе ја виделе сантата мраз, останал кај офицер што го избркале од работа уште пред тргнување во Саутемптотн. СДСМ одамна ги избрка неподобните партијци, тие од стар ков, кои, сигурно, ќе знаеја подобро да одиграат од сегашните, кои ги спојува само омразата…
6
– Бројот на жртви на „Титаник“ е резултат и на само 1.200 појаси за спасување на повеќе од 2.200 патници и членови на екипажот. Недостигот од појаси за спасување во СДСМ, особено кај раководството, пак, е причина за избрзаната реакција, притисокот кон Јанева да направи што било. И така го создадоа „Титаник…“
СЈО со дигресијата „Титаник“ му излезе в пресрет на Заев
И додека Ван Хауте со помош на едно чудо мачки на „Твитер“ и на „Фејсбук“ сам си прави дигресии со кои го одвлекува вниманието на македонската јавност од суштинските преговори, кои безобразно ги тера кон СДСМ, на Заев му излегува в пресрет и дигресиите му ги прави, кој друг, ако не СЈО. Тамам јавноста се запали во барањето одговор на прашањето како тоа тој зборувал со брат му на Чауш за време на апсењето на директорот на „Фабрика за афери“ и ја тешел неговата сопруга на „Вибер“ со зборовите „Немој да се грижиш, ништо нема да биде од тоа, знаеш кој стои зад сѐ“, Јанева излета со еден куп кривични и барања за притвори. И сите заборавија на Заев и на Чауш… Настрана политичкиот вокабулар на специјалните обвинителки, кои небулозно ни зборуваа за некаква си примена на забелешките на Прибе и ред несоодветни, политикантски зајадливи пораки, финалето следуваше утредента. Соочени со сопствениот пораз, со кој не можеа да се помират најмногу поради критиките од СДСМ, Јанева го подучи судот дека пропуштил шанса да се запише во историјата?! Врв на безобразлукот, но и на вокабуларните совпаѓања со востановената матрица на изразување на новокомпонираните политичари на СДСМ. Премногу случајности на едно место. Ниту употребата на несоодветниот англосаксонски хумор во пораките на СЈО и на СДСМ, кој оддалеку го навестува идентитетот на „чадорот“, не успеа да го насмее народот, а ни инстант намуртените лица на врхушката.
Адмирал беше Бранко, не Зоран…
Тешко замислив е талентот на дете што е израснато на нивите во Муртино, далеку од вода, може да биде адмирал на флота, која би ја потопила противничката. Макар бил и „црпнат“. Од друга страна, мошне веројатно и убедливо звучи прикаската дека дете израснато на нива го потопило „Титаник“. Во контекст на претходно кажаното за вистинската прикаска за „Титаник“ и избрканиот висок офицер што ги должел двогледите, е и избрканиот поранешен лидер, кому сега Заев му подготвува „Пуч“ со „Надеж“ за неподдршката, човек кому СДСМ му ги должи сите досегашни победи, иако постари од една деценија. Што би рекле и носталгичарите од партијата по поранешна Југославија. Еден е адмирал. Тој е Бранко, а не Зоран. Нејсе што е Мамула…
Каракамишева – Јовановска: СДСМ, сигурно, ќе побара „специјална ПЈРМ“
Најновиот опозициски поход за дискредитација на постојните македонски органи и институции почна со Договорот од Пржино, а финалето се очекува сега во предизборниот период, кога станува повеќе од сигурно дека договорените избори на 24. април ќе се случат со или без СДСМ, вели проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска.
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Планот на СДСМ за деструкција и за уривање на легитимноста на институциите и на органите на државата е, за жал, единствената карта во ракавот на овие политичари. Освен специјалните конструкции од Пржино, на ред се нови политички барања за воведување паралелни судски органи, паралелни изборни органи што се во најава од дополнителниот министер во МИОА, паралелна полиција што ја подготвува техничкиот министер назначен од СДСМ и слично. Целово сценарио на почетокот ќе се остварува во форма на барања за нови специјалки и специјалци упатени на разни партиски побарани специјални работни места, надвор од систематизација, надвор од закон, исклучително за потребите на господин Заев за деконструкција, демонтажа на правниот и на политичкиот систем на македонската држава. И тој план господин Заев воопшто не го крие. Тој план до детали го објаснуваат неговите платени мегафони и перјаници, кои во многу наврати до детали го имаат разглобено и, буквално, ставено на граѓанска тацна. Проблемот на планот не е во тоа како раководството на СДСМ размислува и гледа на работите во државата. Проблемот на ова сценарио се наоѓа во неговата комплетна забеганост, комплетна антисистемска поставеност и комплетна противуставност, која не може да ја оправда никој во државата, вклучително ни родоначалниците на овој забеган концепт. Во името на демократијата се туркаат антидемократски вредности и потези што немаат за цел подобрување на квалитетот на системот, туку напротив, негово комплетно уназадување.
Основната идеја на концептот „одделување (разграничување) на државата од партијата“ што го турка опозицијата со странскиот фактор е да се оддели ВМРО-ДПМНЕ од државата, а на место на оваа партија, СДСМ силно да се спои, да се залепи за државата. Бидејќи, освен вака озгора, со наметнување, со вештачки лепила, СДСМ не може да се здуши никако поинаку со/во државата, со/во народот. Всушност, целата оваа идеја се заснова на замена на тези, тргни го ВМРО-ДПМНЕ, кој има „природен лепак“ и состојки на поврзување со граѓаните, и стави го насила, со мускули, СДСМ, во името на заштитниот чадор дека операцијата значи спроведување некакви европски вредности и критериуми. Потребата од целосно доминирање на СДСМ во сите македонски пори и органи не е само нивна. Преку оваа партија, некој друг однадвор многу полесно ќе може да ги спроведува своите планови и програми во Македонија. Ова сценарио е како крчмарот си прави есап без гости. Но, проблемот на ова сценарио е што гостите не ја сакаат таа крчма. Гостите не одат таму на јадење и пиење затоа што услугата е лоша, цените се високи, ништо не е по нивен мерак. Крчмата има неколку мани. Клучните мани на ова сценарио се наоѓаат во неговата неодржливост, во неговата правна незаснованост и, секако, во нивната политичка нелегитимност. Веројатно, како што ќе наближува 24 април, СДСМ ќе побара и специјална Република Македонија, поточно специјална ПЈРМ, бидејќи нивниот најголем политички „успех“ од постоењето на државата не верувам дека ќе сакаат да го остават на таму некоја стока од народ. Делот на сценариото посветен на формирање некакви специјални судови, или посебен суд што ќе биде инсталиран во постојниот надлежен да ги решава прашањата од областа на тероризмот и на организираниот криминал, нема да помине од многу едноставна причина.
За такво нешто, во постојниот Устав и во постојниот правен систем, нема елементарни, нема уставни основи и услови. Нашиот Устав не познава категорија посебни, специјални, вонредни судови, па оттаму секоја идеја за инсталирање вакви политички инстанци во судството ќе значи директен упад во самостојноста и независноста на редовното судство на Република Македонија. Тоа е спротивно на член 98 од Уставот во кој јасно стои дека судската власт ја вршат судовите како самостојни и независни органи, и дека се забранети вонредни (специјални) судови. Посебно е важно да се нагласи членот 100, став 2 од Уставот, кој СДСМ многу често го заборава, а тоа е дека судија не може да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење и решавање при донесувањето на судските одлуки, како и членот 104 од Уставот, каде што стои дека Судскиот совет на РМ ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт.
Костов: Пресериозни случаи за обвинителските „фрајли“
СЈО истиот ден ги побара „Надеж“, „Поткуп“, „Маѓар телеком“ и неделата на семејството Верушевски?! Обвинителството веднаш им стави рампа за последните, но првата мисла што паѓа на ум е дека некој сака да прикаже лажна рамнотежа, т.е. блефира. Демек,Јанева не е насочена само контра Груевски и кон ВМРО-ДПМНЕ, туку и против Црвенковски, Бучковски, Шекеринска и валканите од СДСМ. Втората можност е со овој чин СЈО да прави нова услуга за СДСМ, предупредувајќи ги влијателните палавковци од редовите на партијата, да седат мирни и да не креваат прав. Колумнистот и поранешен обвинител Сотир Костов вели дека, како и да е, се работи за пресериозни случаи.
Костов: Не можам да тврдам дека со отворањето на предметите „Маѓар телеком“ и „Надеж“ од страна на Специјалното јавно обвинителство сакаат да нѐ убедат дека не се само цел за гонење (читај прогон, т.е. класичен лов на вештерки) ВМРО–ДПМНЕ и Владата на Никола Груевски, и дека истовремено на другиот табор, или само еден негов сегмент (Бранко Црвенковски и бранковистите), се сака да му се испрати предупредување дека треба да ја поддржуваат линијата на двоецот (без кормилар) Зоран Заев – Катица Јанева. Но, знам, да не кажам сигурен сум, дека со овие два предмета, а особено со „Маѓар телеком’’, никој не може да кокетира, тактизира или, пак, лицитира. Најмалку специјалната обвинителка Катица, а особено не нејзините помошнички, сега веќе „докажаниот’’ двоец обвинителски „фрајли“ (блондинката Кејт Мос и бринетата Дите фон Тис). Зошто?
Како прво, предметите се многу сериозни, особено „Маѓар телеком’’, и немаат гнила основа како „снимките на Заев и на Верушевски’’. И, второ, се работи за предмети што имаат, пред сѐ, материјални докази (договори, протоколи, електронска официјална комуникација, исплати – директни и индиректнии – и голем број сослушани осомничени, инволвирани и сведоци, во законски предвидени постапки, пред специјалната комисија во САД и надлежниот суд во истата држава. Барем таму се знае што се процедури и нивно почитување или не, таму има долга традиција на ценење докази, аргументи и факти и знаеме какви се квалитетот и ефикасноста на правосудниот и на уставниот систем. Треба само навремено и со помош на меѓународната правна помош да се соберат сите веродостојни документи, од наведените соодветни и надлежни институции, да се засукаат ракавите и да се работи на начин како што прилега на јавнообвинителската функција. Се плашам, навистина и искрено го мислам тоа, немој и во овие два случаја, работата да ја измавтаме и, не дај Боже, многу брзо да ни се случи „Титаник 2’’. Да не заборавиме дека во „Надеж’’ имаме актери од најмалку две држави (Словенија и Македонија), а во „Маѓар телеком’’ имаме инволвирани субјекти од Македонија, Унгарија и од Германија, како директни, и Грција и Кипар, како индиректни актери, и инволвирани од менаџерски тимови на две меѓународни компании („Маѓар телеком“, „Т -мобиле Германија“), „Мактел“ од Македонија, Влада на Република Македонија (претседател – Владо Бучковски, и потпретседател – Радмила Шекеринска), одредени пратеници и пратенички групи во Собранието на РМ, две меѓународни компании од Грција и од Кипар, и банки од Кипар, Грција, Македонија, Унгарија и од Германија. Тука има и барање поткуп и примање поткуп. И злоупотреба на службена положба, и противзаконско вршење на функцијата пратеник во Собранието на РМ, земање недозволени провизии. Оштетени се граѓаните на РМ, кои, буквално, се ограбени, преку одложување, недозволено и незаконски, на конкуренцијата во мобилната телефонија, за сметка на предолго толерирање на монопол во мобилната телефонија, спротивно на законите на РМ и одредбите на Спогодбата на РМ со ЕУ. Паметни, способни и чесни обвинители и судии можат да докторираат на овој случај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.