Поранешниот портпарол на НАТО, Џефри Гордон напиша колумна во која ја анализира состојбата во Македонија. Таа беше објавена во „Дејли колер“.
Тој пишува за политичката состојба, за состојбата со емигрантите. За заканите за бојкот на изборите го обвинува лидерот на македонската опозиција, Зоран Заев. Во колумната анализира за предлозите за медиумите, а бара меѓународната заедница да ги поддржи изборите во април.
-Треба да се поддржат парламентарните избори во април, за, според договорот, да се обезбеди стабилност. Поранешниот премиер Никола Груевски, кој ја водеше Македонија од 2006 година се до оставката минатиот месец, е ставен на тест од СДСМ, кој планира да ги бојкотира изборите, а за тоа користи уцена. Неговиот главен противник, Зоран Заев, објави монтирани аудиоснимки од приватни разговори на Груевски, тактика со која би се гордеело поранешното КГБ. Бидејќи анкетите не се во корист на Заев, тој се обидува да го заобиколи процесот. Ниедна демократија не би толерирала ваква политичка корупција. И најголемата иновација на Заев, дозволува цензура на медиумите, нешто што не враќа во комунистичката ера – пишува Гордон.
Гордон во колумната апелира да ѝ се помогне на Македонија за да стане членка на НАТО.
– Прво, да се среди состојбата со безбедноста на границата на Македонија. Ова е клучна порта во Европа, важна за западната одбрана и место каде се собира наплив од мигранти. Да им се помогне да направат ограда околу јужната граница, со што физички ќе се сопрат мигрантите кои доаѓаат од Грција. Второ, да се направи Балкански центар во Скопје. НАТО треба да донесе трупи не само да ги штитат македонските граници, туку и да се борат против шверцот на луѓе, оружје и дрога. Потоа, да се поттикне Грција да сопре со блокирање на македонската интеграција во европските воени и економски алијанси поради одбивањето да се нарекуваат ФИРОМ, односно поранешна југословенска Република Македонија – пишува тој во колумната.
Поранешниот портпарол на НАТО пишува дека не само Македонија, туку и западноевропските земји треба да разберат што се случува од стратегиска перспектива.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.