| четврток, 6 декември 2018 |

Нов гаф на Ван Гал: Загубивме поради Марфиев закон

van gal

Луис ван Гал никогаш не ја презема вината за слабите резултати на својот тим, па тоа не се случи ниту по поразот од Митјиланд во Лигата на Европа, вкупно 11. неуспех на „црвените ѓаволи“ во сите натпреварувања сезонава. Сепак, се чини дека холандскиот стратег овој пат се надмина себеси со алибито истакнувајќи дека загубил од данскиот состав поради Марфиев закон.

– Мислам дека тоа е Марфиев закон, дека затоа го загубивме натпреварот. Го анализиравме одлично Митјиланд, знаевме се за противникот, а потоа примивме гол во најлош момент. Сè што можеше да тргне на лошо, тргна во тој правец. Имаме тринаесет повредени фудбалери, а згора на тоа при загревањето ни се повреди и првиот голман. Не е лесно – изјави Ван Гал по последниот неуспех.

Навивачите на Јунајтед платија над 70 фунти за влезници за овој натпревар, плус трошоци за патувањето во Данска, а избраниците на Ван Гал им возвратија со една од најслабите партии сезонава, поради што по последниот свиреж на судијата беа испратени со свирежи кон соблекувалните.

– Ако го погледнете второто полувреме, можеби се во право. Навивачите имаат право да критикуваат, но треба да разберат дека и ние исто така сме разочарани. Сакаме да победуваме и се надевам дека ќе го сториме токму тоа на реваншот – додаде Луис ван Гал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top