Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ денеска, 18 февруари, одбележува 66 години од формирањето.
Во рамки на одбележувањето на годишнината вечер ќе биде изведена претставата „Кирил и Методиј, who are you“ од Јордан Плевнеш, во режија на Мартин Кочовски. Посетителите ќе можат претставата да ја гледаат бесплатно, со тоа што влезници ќе можат да подигнат од билетарницата на театарот.
Претставата светска премиера имаше во Букурешт, беше прикажана на Ескпонто, а праизведба имаше на Охридско лето.
– Посетителите ќе ги израдуваме бидејќи претставата им ја посветуваме и на актерите од нашиот театар Блаже Алексоски и Благоја Сприкоски Џумерко, кои починаа меѓу две годишнини. Првиот беше еден од основоположниците на театарот и даде голем придонес за неговиот развој не само како актер, туку и како режисер, додека вториот со години беше еден од водечките актери во ансамблот – вели директорот на театарот, Тони Чатлески.
Завесата на Театарот „Војдан Чернодрински“ првпат се крена на 18 февруари 1950 година со изведбата на претставата „Кир Јања” од Ј.С.Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски. Низ годините колективот се збогатувал со искуство во катадневната пракса. Денеска е ансамбл со актери кои суверено владеат на сцената.
Досега се поставени над 350 премиери, одиграни се околу 8.000 претстави, кои ги гледале речиси два милиона посетители. Моментно во театарот се поставуваат две претстави „Хамлет од Долна Мрдуша, општина Блатуша“, во режија на Кирил Петрески и „Обѕрни се во гнев“ во режија на Кристина Димитрова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Национална галерија на Македонија одбележува 70 години постоење
-
Во Струга почнува неделата посветена на јубилејот „90 години музеј Д-Р Никола Незлобински“
-
Македонија на театарскиот фестивал „Долгопрудненска есен 2019“, Русија
-
Актерите од „Забрането смеење“: Публиката да се впушти во една театарска авантура