| четврток, 6 декември 2018 |

Сосема поинакво издание – „Не живеам за другите“ во изведба на Бојан и Весна (ВИДЕО)

Еден од најголемите хитови на пејачката Дани Димитровска, „Не живеам за другите“, доби одлична кавер-верзија, благодарение на младите и талентирани музичари Бојан Дамјановски и Весна Илиќ – Павловска.

Бојан, кој е познат по преработки на веќе испеани и познати странски хитови, и овој пат направи одлична преработка за која се надева дека ќе биде прифатена од публиката.

– Со Весна соработуваме и настапуваме веќе неколку месеци под името „Бионда“ . Подолго време се договравме да снимиме нешто, размислувавме за која песна да се преработи или пак, да направиме нешто наше, авторско. Па, така за време на една наша проба сосема случајно дојде до идејата за да се преработи познатата песна на Дани. Се потрудивме тоа да биде добар дует со мали промени во текстот – вели Бојан, кој се надева дека и оваа преработка ќе биде добро прифатена од публиката.

И Весна не го криеше задоволството од зеадничкиот проект со Бојан.

– По подолга пауза од ноќните настапи добив понуда за редовен настап во еден наш познат локал во Скопје. Бидејќи ми требаше гитарист да ме придружува, сосема случајно преку некои наши пријатели произлезе соработката со Бојан. Почнавме добро да функционираме и уште на почетокот размислуваме што понатаму… Од оваа кавер-верзија очекувам промоција на нашиот бенд, но и и позитивна критика од македонската публика – изјави Весна.

Инаку за гитарите и аражманот на оваа песна се погрижи токму Бојан, а истата е снимена во студиото „The Next Level Production“, додека за аудиото беа задолжени Христијан Георгиевски и Христијан Тришовски. Видеоспотот е дело на Александар Несторовски – Цаци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top