| четврток, 6 декември 2018 |

СЈО ги пречекори овластувањата: Јанева нема основа да го бара „Поткуп“ на Заев

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) не кажува врз која основа го бара од обвинителството за организиран криминал случајот „Поткуп“ во кој лидерот на СДСМ, Зоран Заев, е обвинет за примање поткуп од 200.000 евра за приватизација на земјиште кога не е во нејзина надлежност затоа што не произлегува од прислушуваните материјали.

Specijalno obvinitelstvo katica janeva lence fetai (21) (Custom)

„Дневник“ вчера побара Јанева да објасни, но од таму не одговориле на нивното прашање.

-Kакво образложение има СЈО ако е јасно дека „Поткуп“ не произлезе од прислушуваните разговори заради чие расветлување, всушност, е формирано специјалното обвинителство, останува непознато. Од Јавното обвинителство на РМ (ЈОРМ), пак, за „Дневник“ велат дека барањето на Јанева за „Поткуп“ е законски неосновано и затоа случајот не ѝ е доставен. Според нив, СЈО ги пречекорило законските овластувања што му се доделени според член 5 став 1 од Законот за специјалното обвинителство бидејќи „Поткуп“ не произлегува од прислушуваните материјали – пренесува весникот.

– Обвинителството за организиран криминал, во чија надлежност е „Поткуп“, оцени дека овој предмет нема да му биде доставен на СЈО бидејќи, едноставно, за него специјалното обвинителство нема законска надлежност. Тој е во рацете на обвинителството за организиран криминал – објаснуваат од ЈОРМ.

Јанева уште не го побарала „Надеж“

За разлика од „Поткуп“, за случајот „Надеж“, велат од ЈОРМ, до овој момент Јанева нема доставено барање, иако на последната прес-конференција на СЈО беше нагласено дека тоа е веќе изготвено. Во врска со „Надеж“, пак, каде што имаше тврдења дека се работи за ненаменско трошење државни пари во времето кога претседател на Македонија беше Бранко Црвенковски, од ЈОРМ не сакаат да коментираат, пишува „Дневник“.

– За „Надеж“ предвреме нема да коментираме. Нека стигне најпрвин барањето од СЈО, а потоа обвинителите ќе дадат своја оценка – велат од ЈОРМ.

ОЈО: Јанева не е надлежна за „Маѓар телеком“, „Детска порнографија“ и „Пиштолот на Верушевски“

Освен за „Поткуп“, Јанева не е надлежна ниту за трите случаи: „Маѓар Телеком“, „Детската порнографија“ против синот на обвинетиот поранешен разузнавач Зоран Верушевски и „Пиштолот на Верушевски“, во кое тој е обвинет за сторено кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи. Ова вчера преку официјално соопштение го образложи скопското Основно јавно обвинителство. – Основното јавно обвинителство – Скопје цени дека предметите што се бараат не се поврзани ниту произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, па од тука барањата на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите не се во согласност со законот, како и дека со таквото барање се пречекорени овластувањата што на jавниот обвинител кој раководи со тоа обвинителство му се дадени со законот, се вели во соопштението.

На потег е Советот на јавните обвинители

Сега јавното обвинителство бара од Советот на јавните обвинители да се изјасни дали потезите на Јанева се законски.

– Единствен надлежен за оценување на законитоста на СЈО е Советот на јавните обвинители бидејќи според членот 7 став 3 пред него професионално одговара за стручноста и законитоста на своите дејства – велат од ЈОРМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top