Реконструкцијата на оваа велосипедска патека е дел од втората рута од капиталниот проект за подобрување на велосипедската инфраструктура во главниот град „Скопје Велоград 2014-2017“.
Рутата 2 од овој проект е со вкупна должина од 11 километри и истата ги поврзува општина Аеродром, преку општините Центар и Карпош, до општина Ѓорче Петров. Истата ги опфаќа булеварите „Февруарски поход“, „Видое Смилевски Бато“, „Јане Сандански“, „Кузман Јосифовски Питу“, „Кеј 13 Ноември“, Плоштад „Македонија“, бул. „ВМРО“ и бул. „Партизански одреди“ до Порта Влае.
По булеварите велосипедските патеки ќе бидат од двете страни, додека од Кеј 13 Ноември до бул. „ВМРО“ патеката ќе биде од една страна и ќе биде двонасочна.
Во втората рута од овој проект се предвидува реконструкција на постојните велоиспедски патеки на булеварите „Јане Сандански“, „Кузман Јосифовски Питу“, „ВМРО“ и „Партизански Одреди“, додека на булеварите „Февруарски Поход“, „Видое Смилевски Бато“ и Кеј „13 Ноември“ ќе се градат нови велосипедски патеки.
На терен на реализација на овој проект ќе работат екипите на ЈП „Улици и патишта“.
Изминатиот период интензивно се работеше на велосипедските патеки од Рутата 1 (Гази Баба, Центар, Карпош, Ѓорче Петров), каде што се реконструираа и изградија велосипедски патеки на следниве локации:
– на булеварот Александар Македонски, од клучката кај хотелот „Континентал“, до клучката Естекада, од двете страни;
– на улицата Беласица, од булеварот Гоце Делчев до клучката кај хотелот „Континентал“, од двете страни;
– на булеварот Гоце Делчев, од булеварот Крсте Мисирков до улицата Беласица, од двете страни;
– на булеварот Илинден, на потегот од крстосницата со булеварот Свети Климент Охридски до фонтаната „Лотосов цвет“ и
– на улицата Ѓорче Петров, од булеварот Македонска војска до мостот за Сарај.
Во моментов се довршуваат градежните работи на оваа траса и се работи на спуштање на рабниците за велосипедите, со што ќе се комплетираат работите од Рутата 1, каде што се изградени и реконструирани околу 10 километри велосипедски патеки.
Со проектот „Скопје Велоград 20142017“.по должината на градските улици и булевари ќе се оформат четири главни велосипедски рути кои се протегаат во насока исток – запад и 7 конектори кои се протегаат во насока север – југ, и тоа:
РУТА 1 – Гази Баба – Центар Карпош;
РУТА 2 – Аеродром – Центар – Карпош – Ѓорче Петров;
РУТА 3 – Кисела Вода – Центар – Карпош;
РУТА 4 – 2016 – 2017 година – Бутел – Чаир – Центар,
како и седум конектори – 2017 година.
Со реализација на проектот до 2017 година ќе се изградат и реконструираат вкупно 51 километар велосипедски патеки во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.