-Неопходни се измени на законската регулатива за заштита на потрошувачите и конкуренцијата за да се подобри состојбата во овие области- беше заклучено на денешната тркалезна маса што ја организираше Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам).
На трибината посветена на заштитата на потрошувачите беше посочено дека само директното вклучување на бизнис заедницата при изготвувањето на законските решенија ќе доведе до поквалитетни решенија кои вистински ќе одговорат на предизвиците со кои се соочуваат потрошувачите и компаниите.
-Постои голем јаз меѓу практиките на меѓународно конкурентните компании и локалната законска рамка. Поради ова, овие компании треба да бидат вклучени во подигнувањето на стандардите и додефинирање на правните обврски при заштитата на потрошувачите и конкуренцијата- рече Мишел Османли, извршен директор на АмЧам Македонија.
На тркалезната маса учесниците се осврнаа и на законските обврски на компаниите во однос на потрошувачите, но и во однос на останатите компании, предизвиците со кои се соочуваат при постапувањето по жалбите на потрошувачите во зависност од услугите или производите кои ги нудат, но и трендовите во ЕУ и регионот при заштитата на потрошувачите и конкуренцијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.