| четврток, 6 декември 2018 |

1913 година: Сталин, Хитлер, Тито, Фројд и Троцки во исто време престојувале во Виена

Пред точно еден век, престолнината на Австрија била место во кое во исто време престојувале Јосеф Сталин, Адолф Хитлер, Јосип Броз Тито, Зигмунд Фројд и Лав Троцки, луѓето кои подоцна ја создадоа светската историја онаква каква што ја знаеме денес, пишува „Би-Би-Си“.

viena 1913-2

Во јануари 1913 година човекот со пасош во кој му било впишано името Ставрос Пападопулос пристигнал во Виена со воз од полскиот град Краков. Роденото име на овој човек било Јосиф Висарионович Џугашвили, меѓу пријателите познат како Коба, а светот го памети како Сталин. Тој минал еден месец во градот каде што се сретнал со рускиот дисидент и уредник на „Правда“, Лав Троцки.

„Седев на маса кога вратата се отвори и внатре влезе непознат човек. Беше низок, тенок со сивкасто-кафеава кожа која му беше покриена со лузни од сипаници. Во неговите очи немаше ништо пријателско, напишал човекот кој се сретнал со новодојденецот. Тој човек бил Троцки.

Троцки и Сталин во Виена престојувале како бегалци, додека во исто време, во овој град живеел и Зигмунд Фројд, кој веќе бил познат во јавноста. Тој живеел и работел на улицата Бергасе. Фројд се доселил во Виена во 1860 година уште како дете, а таму живеел до 1938 година кога го напуштил градот откако Германците ја окупирале Австрија.

Младиот Јосип Броз Тито подоцна познат како Маршал Тито работел во „Дајмлер“, фабрика за автомобили во Винер Нојштат.

Во близина живеел и 24-годишното момче од северозападна Австрија, чиј сон бил да се запише на Виенската академија за фина уметност и да стане сликар. Но, откако двапати неуспеал во намерата, останал да живее во евтин конак во Мелдерманштрасе, во близина на Дунав. Неговото име било Адолф Хитлер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top