Симоне Заза е четврт избор на тренерот Алегри кога станува збор за напаѓачите на Јувентус, зад Дибала, Манџукиќ и Мората, но тоа не му пречи на италијанскиот голгетер максимално да ја користи шансата кога и да добие можност да ги покаже своите квалитети. Тоа беше случај и на дербито со Наполи, во кое токму Заза со гол во 88. минута, четврти погодок за него сезонава во Серија А, ја донесе победата со која „старата дама“ се искачи на првото место на табелата.
– Имав малку среќа при голот, но мислам дека ја заслуживме среќата со борбата на сите фудбалери во текот на 90-те минути. Ќе го паметам овој момент уште долго, долго време, се надевам дека ова ќе биде гол за скудето. Сега сме лидери, скудетото ни е уште поблизу и се ќе зависи само од нас. Одигравме одличен меч против силен противник, знаевме дека Наполи е опасен при контранападите, па успешно го неутрализиравме главното оружје на гостите. Како и секогаш, напорната работа ги носи победите на Јувентус, тоа беше случај и вечерва. Задоволен сум од соите настапи сезонава со исклучок на црвениот картон против Џенова, отсекогаш сум велел дека цел ми е да настапувам за Италија на ЕВРО 2016. Што се однесува до Јуве, мораме да продолжиме во ист ритам, ако го сториме тоа никој нема да може да ни го земе скудетото – изјави Заза по големото дерби.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.