Социјалдемократскиот сојуз на Македонија упорно води политичка битка и со најдиректна црна пропаганда се обидува да ја дискредитира „Република“ како медиум.
Тоа што партискиот портпарол Петре Шилегов го прави со прес-конференциите организирани дури и пред вратите на редакцијата, не може да се квалификува никако поинаку, освен како притисок врз медиумот и врз слободната мисла.
Борбата со слободната мисла и со критичкиот став кон потезите што ги прави СДСМ како партија во опозицијата, СДСМ ја подигна и на ниво што е далеку од таканаречените партиски демократски зафати за слобода на медиумите.
Тоа што „Република“ укажа на грешки и побара извинување и демант од СДСМ и од Шилегов лично, за нив не се никаков поттик за преиспитување на своето однесување.
Напротив, го зголемува притисокот, а во меѓувреме бега од одговорноста да прифати соочување.
Имено, искористувајќи една од прес-конференциите на Шилегов на влезната врата на „Република“, го прашавме дали има намера да се извини, а тој, во негов својствен стил, посочи: „Ќе се извинам само кога вашиот газда ќе ме повика да се запознаеме и да испиеме кафе“.
Ова е само продолжување на игнорантскиот однос на Шилегов и на СДСМ кон „Република“. СДСМ и Шилегов не собраа сили за да одговорат дали имаат пишан договор со српските стручњаци за односи со јавност и кога ќе го објават, откако и фото и видеоредакциите на „Република“ ги „уловија“ на заминување од централата на СДСМ.
Тогаш Шилегов повторно се обиде да го негира медиумот „Република“ влегувајќи во дискусија дали „Република“ бил „вистински“ медиум со импресум и други нелогичности.
Слични беа одговорите и при прашањата зошто раководството на СДСМ бега од интервјуа за „Република“, иако за тоа уредно се поканувани, со нудење отстапки, кои, во детали, ги надминуваат и каприците на најсуетните светски ѕвезди.
Да бидеме искрени, како и досега, ни годи! Ни годи тоа што цела една политичка партија, и тоа најголемата опозициска партија, по која се водат и другите опозиционери-сателити, се поведоа во хајка против „Република“. Годи тоа што „Република“ е издигната како прашање во екот на преговорите за медиумите. Иако, пак, е неспоиво, бидејќи „Република“ не е медиум што би бил засегнат од новите ингеренции на регулаторното тело. Сето тоа годи бидејќи е показател за тоа што претставува „Република“ во ова македонско исполитизирано општество.
Но, не годи тоа што СДСМ и Шилегов користат лаги. Во никој случај не може да се смета дека искусен (?) правник како Шилегов, ниту другите во СДСМ, не можеле да увидат дека „Република“ – односно правното лице на редакцијата „Република“, не е истиот субјект, чијашто сметка ја покажуваат како примател на владини средства. Ниту Шилегов ниту медиумите што се дел од опозициското јато против „режимот и поддржувачите“ не може да не ги забележале разликите во името, наведената адреса, па и даночниот број и што ли уште не што беше објавено од содржините добиени од Централниот регистар и од завршните пресметки од државните органи.
Исто така, не е никаков превид туку намерен притисок тоа што и СДСМ и Шилегов, а уште повеќе колегите од другите медиуми (иако, според стандардите на Шилегов, повеќето не би биле во оваа група) објавија лични податоци што подлежат на заштита.
И политичката борба, макар и на партија против медиум, треба да ги почитува достоинството и реномето, прво своето, а потоа на противникот. Ако сакаме да „играме“ демократски.
Редакција „Република“ поведува постапка за правно „исправање“ на грешката на СДСМ, Шилегов и на медиумите што истрчаа да објават без да внимаваат на содржината. И нема бегање од правдата, колку и некои инволвирани лица во моментов да не сакаат лично да се соочат со тоа. Но прашањето е многу посериозно од задоволување со судска пресуда.
Резултатот на притисокот од СДСМ врз медиумите е јасен и, за жал, видлив. Со таков притисок се настапи пред вратите на телевизија „Сител“, а потоа беше нападната нивна екипа. Кампања за оцрнување на вработените се водеше и против редакцијата на порталот „Курир“. И „Курир“ беше цел на напад и на грабеж. Напади имаше и врз „Радио Слободна Македонија“. За лични дисквалификации да не пишуваме, има многу примери. Навистина, не е јасно што сака да се постигне со овие провокации и предизвикување насилства врз редакциите? Кој ќе ја понесе одговорноста ако се случи нешто, навистина, сериозно? И зошто?
Во СДСМ им е кристално јасно дека не се медиумите виновни, туку чекорите и политиката што ја води. Тоа го покажуваат и анкетите – и тие на „Република“ и тие што се нарачани од СДСМ, кои се кријат од јавноста.
Во „Република“ не знаеме и, искрено, не нѐ интересира какви релации има Шилегов со медиумите-поддржувачи на политиката на СДСМ. Водењето медиум со пиење кафиња со политичарите е практика на еден поранешен систем, кој, за жал, продолжи и по осамостојувањето на Македонија и по преименувањето на КПМ во СДСМ. Можеби затоа и дел од уредниците во тие „медиуми“ се сметаат за креатори на политиката на СДСМ, што, пак, ја одржува партијата таму каде што е веќе 10 години. А, веројатно, ќе ја одржи уште најмалку четири.
Актуелните гостувања на Зоран Заев и на партискиот генерален секретар Оливер Спасовски токму во медиумите посочени како најголеми политички непријатели не се ништо друго туку „подвиена опашка“ на раководството на СДСМ по жигосувањето токму на тие медиуми. Всушност до ваков пресврт дојде откако и меѓународниот фактор во кој СДСМ се колне е запознаен со црната кампања што ја водат опозиционерите против медиумите паралелно со жалбите кај нив дека немаат медиумски третман.
Се чини, нема да има „јадење живи луѓе“. Исто како што никој од СДСМ не беше изеден со гостувањето во „Република“. А имаше многу, и од минатиот и од актуелниот состав на СДСМ. Заклучно со лидерот Зоран Заев.
И во оваа пригода „Република“ повторно, јавно упатува покана за гостување и за интервју до раководството на СДСМ. И повторно, со отвореност за исполнување желби, видео, во живо, на интернет, пренесено во неделникот „Република“, за насловна страница, авторизација… За сѐ.
Па и Шилегов нека повели на кафе. Демократско кафе, во разговор со различни идеи за иста цел – како до Македонија што никој нема да ја нарекува недостојна за Европа. Бидејќи и таму, во ЕУ, не размислуваат сите исто, а не се гледаат ни како непријатели. Особено не политичките партии и медиумите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.