Не треба многу за да се опише колкава е страста на СДСМ за да се поседуваат медиумите. Доволно е само да се прегледа односот што го имаат државните функционери од опозицијата (дури и формулација сама по себе е „невозможна конструкција“) кон медиумите. Тука нема да се земе предвид неколкуте „пецкања“ меѓу лидерот на СДСМ Зоран Заев и уредникот во ТВ „Канал 5“ за тоа зошто и како Заев наеднаш прифатил да гостува во еден телевизиски дневник.
Многу повеќе загрижува однесувањето на генералниот секретар на партијата, Оливер Спасовски, кој како министер во Владата „за спроведување на изборите“, бега од интервју. Иако во телефонски разговор тој изјавува дека нема проблем за интервју, по испратените писмени барања, тимот на Спасовски одбива во негово име и се извинува поради „презафатеност“. Истите извинувања како при претходните обиди да се договори интервју за „Република“ додека тој беше само партиски функционер. Но, иако Спасовски сѐ уште е генерален секретар на СДСМ, околностите се многу поинакви. Спасовски сега е и министер за внатрешни работи на РМ, а тоа значи дека носи одговорност пред сите граѓани во државата, а со тоа и пред медиумите што не му се „по волја“.
Презафатената недела излезе на виделина во форма на интервју за неделникот „Фокус“, тој истиот неделник со чијашто афера тој седна на министерското место. Во оваа работа џентлменски се претпочита предноста. Што би рекол народот, „негов си е“. Со него си ја почна техничката кариера, со него и нека си ја тера. Тоа е медиумот што му е близок според определбата со написите за аферите што му помогнаа да дојде до фотелјата во МВР, па и му дава определена „заштита“, откако од истрагата за личните карти протекоа и информации и за негова поврзаност со случајот. Па, токму затоа, одговорите што ги даде во „Фокус“ ниту до одреден степен не го задоволија интересот на мнозинството граѓани во државата во која тој е министер.
Но, каде е џентлменството кога на барањето уредно доставено до секторот за медиуми на МВР и до познатата електронска адреса „на Тончи на Џи-меил“, нема ниту оправдание ниту каква било реакција? Повратен одговор, едноставно, нема. А, нема ни да има. Како што немаше одговор од СДСМ на многубројните повици од „Република“ за интервјуа со партиските челници во сите овие кризни месеци, така ќе нема одговор ниту од Спасовски ниту од кој било технички назначен функционер на опозицијата во власта(!?). Во оваа преодната власт, до избори.
Па, додека траат (во моментот кога е пишуван овој текст) преговорите за законите за регулација на медиумите, потсетете го Спасовски дека е министер и на новинарите во „Република“, и на читателите на неделникот и на порталот „Република“, министер е и на нивните семејства, и на нивните соседи, пријатели, роднини… Министер е за сите тие што не го читаат само „Фокус“, министер е и на сите тие што не гласале да го гледаат него во министерската фотелја. А, тоа е многу поголема бројка од таа што може да си ја замисли Спасовски.
Медиумски маки за една употреба
Ова однесување на Спасовски не е исклучително негово, туку е модел по кој се водат сите „нови кадри“. Но ако Спасовски, кој како партиски генерален секретар има најголем чин во таа хиерархија, не може да „проголта“ едно соочување со медиумите сега, додека се кршат копјата за законските решенија за медиумите, тогаш може само да се претпостави што би значело во практика да се прифатат нивните условувања за медиумите.
Да се потсетиме што бараше СДСМ, преточено и спакувано лично од поранешниот прв човек на новинарската фела, а сега одговорен за сите стендап-настапи на Зоран Заев. Според предлогот, казнената политика за медиумите место кон формата, би била насочена кон содржината, а потоа место дел од постојните казни за електронските медиуми, се предвидени глоби за ширење говор на омраза и за пристрасно и навивачко однесување.
Тоа, пак, што изненади беа решенијата на посредникот, Белгиецот Питер Ван Хауте. Првиот негов предлог беше одбиен од МАН, едно од двете новинарски здруженија. За ЗНМ остана прифатливо сѐ што доаѓа од него. Можеби и затоа новиот, ревидиран предлог, Белгиецот го доставил прво до ЗНМ. Дали неговото однесување кон МАН е дел од нашироко познатата суета и дрскост на Белгиецот, не е ни важно. Важно е што тој предлог-закон, според тоа што насамо го кажуваат членови на ЗНМ, е порестриктивен од првиот и многу повеќе личи на предлогот на СДСМ. Во него не се вградени ниту забелешките од МАН, ниту, пак, од здружението на петте најголеми национални телевизии (ММА), кои јасно посочија дека законот не е за една употреба, за сега, само за да поминат изборите, туку е решение со кое медиумите и новинарите треба да живеат со години.
Медиумската заедница реагираше на предлогот да се тргнат медиумските работници од системот на контролата на медиумите, а наместо нив да се вклучат таканаречените „невладини“. Невладините организации, според македонските специфики, не се ни од далеку независни, ниту непристрасни или аполитички. Напротив, во Македонија, под закрила на НВО, а финансирани (погодувате?) од парите од Соросовата фондација, дејствуваат најмалку седум медиуми, бројка посочена од поранешниот прв човек на фондацијата. Истиот тој Сорос се јави како организатор на протестите на СДСМ. Точката во предлогот дека првиот човек на Агенцијата за медиуми (Агенцијата за аудио и за аудио-визуелни услуги) ќе има улога на бог, го вклучува алармот.
По негово видување, надвор од секоја контрола и без објаснување, ќе може да изрекуваат казни за медиуми; тоа веднаш би се применувало, а доколку медиумот се пожали, Советот ќе разгледува, но тоа нема да ја одложи казната. Ако се земе предвид делот што го предложи СДСМ, да се казнува по слободна процена, „пристрасно и навивачко однесување“ без дефиниции за тоа, тогаш на медиумите во Македонија црно им се пишува. Листата за отстрел веќе е напишана и јавно објавена лично од Зоран Заев.
За потсетување, вакви законски решенија нема никаде, а место ослободување на медиумите, се отвора партизација, преку избор на членови на Советот на МРТВ и на Агенцијата за медиуми во парламентот. „Скандалозно и невидено партизирање на македонскиот медиумски простор, враќање 50 години назад, целосно недемократски и неприфатлив предлог“, реагираше во декември ММА, кога се отвори прашањето кому му е потребен нов закон ако се има предвид дека актуелниот закон е направен пред само две години и е во целосна координација со новинарските здруженија и претставува пример за либерален закон за медиуми?
Секои избори нови правила
Навистина, до кога ќе се бараат нови правила за секој изборен циклус како оправдание за „слободниот пад“ на СДСМ?
Не треба да се оди многу длабоко во десетгодишната агонија на СДСМ со губењето на изборите на сите нивоа. А пред секој циклус се бараа нови правила. Најтранспарентно барање за изборните правила беше последното, боењето на прстите на гласачите, а откако тоа падна на суд, сега не им е ни важно. Важно беше да се измислуваат некои нови правила.
Истото важи и за медиумскиот простор, кој постојано е трн во око. Линијата, пак, ЗНМ – СДСМ не е од скоро, и не е изненадувачки што Здружението ги застапува решенијата на СДСМ во форма на Закон на Ванхауте. Привидот од кусата „војна“ меѓу Насер Селмани од ЗНМ со неговиот претходник во Здружението, Роберт Поповски (а сега десна рака на Зоран Заев), беше само покритие за сегашната поддршка на предлогот од Ванхауте.
„Драмолетката” меѓу Селмани и Поповски се случи при преговорите меѓу политичките партии. Селмани побара да бидат вклучени новинарите, Поповски одговори дека СДСМ „ги исправа работите договорени меѓу ЗНМ и Владата“, па Селмани јавно порача: „Не можат да разберат дека заврши времето кога ставовите на ЗНМ се градеа на Павел Шатев“.
Актуелниот закон кој, европските институции го оценија како солиден и европски, беше донесен пред две години, а дебатата за него почна уште во 2011 година. Уште од почетокот на јавната дебата и ЗНМ и СДСМ беа против неговото носење. Настапите на Селмани и на Радмила Шекеринска, вториот човек во СДСМ, звучеа идентично – дека нема потреба од закон.
Ако некој заборавил, ЗНМ, во услови на медиумско беззаконие, не реагираше кога СДСМ во еден ден затвори 80 медиуми, радија и телевизии во Македонија. Дури потоа, по реакции од медиумската фела, беше донесе Закон за радиодифузија.
Да се вратиме во сегашноста и на укажувањето дека медиумските правила не се однесуваат само за партиите и за изборниот процес, или за тоа чија политичка суета е повредена, кој политичар се чувствувал изигран или навреден, туку за работата и за функционирањето на медиумите во следните години.
Доколку и се исклучат различните видувања за тоа како се финансираат медиумите, особено оние околу владиното рекламирање, многу поважен е моментот на влијанието врз работата на новинарите. Со решение според кое некој има дискрециско право, доколку работењето на некој медиум не му е по волја (читај: објавените ставови не му се по негова мерка) да може да буквално да те исклучи „од струја“, тоа воопшто не е во насока на медиумска слобода. Затоа, ако некој смета дека се изигрува законот, оној европскиот, донесен пред две години, тогаш можеби предлогот за построга медиумска саморегулација би бил добра алатка за надминување на детските болести. Затоа што саморегулација не е исто што и самоцензура или заканата дека тој „од горе гледа сè“.
Медиумите се слика на едно општество. На јавното мислење, на државните интереси. На зрелоста. Ако се дозволи целиот медиумски простор да стане поле за експериментално лекување на политичките комплекси, тогаш се остава чист простор за намерно заболување на сите сфери во општеството. А потоа, тешко назад.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 179. број на неделникот „Република“, 5.02.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.