| четврток, 6 декември 2018 |

Ештон ги прифатила сите барања на Белград, Тачи се заканил со насилства

Србија ги прифатила најновите предлози на високата претставничка на ЕУ, Кетрин Ештон, но косовскиот премиер Хашим Тачи отфрлил сѐ што до тогаш било договорено и се заканил со насилство на вчерашната рунда преговори, а во еден момент и ги напуштил преговорите.

Според Ештон, сепак, на средбата имало напредок и изрази надеж дека двете делегации наскоро ќе постигнат договор.

– Минатиот пат реков дека разликите се мали, но длабоки, сега со самодоверба можам да кажам дека разликите се мали и плитки. Се надевам дека двете делегации ќе размислат дали се подготвени да ги направат завршните чекори за да се постигне договор и да ги поведат своите народи кон иднината – рекла Ештон.

Српскиот премиер Ивица Дачиќ изјави дека овој пат предлозите биле далеку поприфатливи за Србија, но дека Косово го опструирал договорот.

–  Ги прифативме сите предлози на Кетрин Ештон, но Тачи сака да уфрли измени. Не е вистина дека Белград не прифаќа договор, туку Приштина е таа што опструира. Членството на Косово во меѓународните организации не беше тема на разговори, а премиерот Тачи го постави тоа како услов за преговори за полицискиот и судскиот систем – рекол српскиот премиер Ивица Дачиќ.

Според српските медиуми, новата понуда на Ештон содржела големи отстапки на српската страна.

–       Прифатено е буквално сѐ што бараше Белград. Според новиот предлог, Србите би имале надлежност во четири српски општини на северот на Косово, но без припојување на албанските општини, како што бараа Албанците во претходната рунда преговори за да се промени етничкиот состав на заедниците на српските општини. Понудата предлага и српските општини да поставуваат локални и регионални полициски командири. Понудено е и во составот на косовската полиција на северот 98 проценти да бидат Срби. Притоа, Србите во енклавите на југот на Косово ќе имаат можност да бидат локални полициски командири. Сепак, најголемата отстапка во корист на Белград е во надлежност на Србите да биде и Окружниот суд во Косовска Митровица, но и некои одделни судови. Во новата понуда пишувало дека косовската војска не треба да биде на северот на Косово и дека нема право да влезе во тој дел дури и во случај на елементарни непогоди, ако Србите не го дозволат тоа – вели дипломат за српски „Курир“.

Тачи, пак, не само што не сакал да го прифати предложениот договор, туку и наговестил дека прашањето на северот би можело да се реши и на друг начин, а не со преговори.

Како што пренесуваат српските медиуми, Тачи во еден момент ѝ се обратил на Ештон со зборовите „На Србите сѐ им дадовте!“

За косовската страна најспорни се точките 9, 10 и 14 од договорот, односно тие што се однесуваат за судството, војската и на полицијата.

Белград и Приштина добиле рок до петок, односно најдоцна до понеделник да се изјаснат за понудата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top