Не постои можност градоначалникот на Карпош да се врати во СДСМ. Тој во интервју за „Република“, кое ќе биде објавено во новиот број на неделникот, кој од утре ќе биде во продажба, вели дека не прифаќа извинување по навредите кои ги упатил Црвенковски кон него. Потврди дека пишувањата на „Република“ за заканите од Црвенковски се точни. Му се заканил дека ќе го снајде истата судбина како онаа на Љубе Бошковски. Но, имало и закани за животот на неговите деца. За заканите вели:
– Да не ги знам што мажи се моите пријатели од СДСМ, можеби ќе се уплашев. Но ги знам што мажи се, па немам причина да се плашам. Нека се плашат тие од мене, не јас од нив.
Кире Наумов во интервју за „Република“ изјави дека СДСМ треба да им се извини на сите оние што ги отфрли од партијата и да побара тие да се вратат назад. Би се вратиле во СДСМ? Под кои услови Вие би го сториле тоа?
ЈАКИМОВСКИ: Не, не би прифатил. Каков е тој начин?! Не сме деца. Тоа е како вие кон некого да гаите искрено пријателство, а тој ќе пивне некоја чашка алкохол и ќе ве навредува, а кога ќе се отрезни, ќе ви каже „извини, пијан бев“. Напротив, кога е пијан, има само малку повеќе храброст да го каже тоа што ви го мисли на трезно. Така, и СДСМ падна во еден делириум по мојата одлука да одам на избори. Практично ми истури сѐ што потајно мисли за мене. Сите навреди, уцени, закани, шпекулации, лаги… тлееле долго време кај нив. Како можам да го заборавам тоа.
Што доколку Црвенковски се повлече? Би се вратиле во СДСМ?
ЈАКИМОВСКИ: Па, јас не видов дека некој таму се огради од неговите ставови. Од мислењата и од плукањата. Не само тој и неговите луѓе. Не видов никој да излезе и да рече – „јас сум член на СДСМ и го осудувам ова што го прави СДСМ и нивниот однос кон Стевче Јакимовски“. Или, пак, после изборите некој да каже – „ајде другари, сега фино-лепо да му се извините на човекот затоа што тој беше во право, вие не“. Ми стои како едноумие.
Целото интервју можете да го прочитате во утрешниот број на Неделникот Република
Разговараше: Билјана Зафирова
Фото: Ѓорги Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


