Мајката на британскиот премиер Дејвид Камерон се наоѓа меѓу потписниците на петицијата со која се бара да не се скратат средствата за детска заштита во регионот на Оксфордшир, на што инсистираат советниците на Конзервативната партија, на нејзиниот син премиер.
Мери Камерон (81) се потпиша на петицијата против предлогот за затворање на 44 центри за деца, за да се заштедат осум милиони фунти. Активиститите на кампањата против ваквиот предлог на конзервативните советници во Оксфордшир, како и британската опозиција сметаат дека станува збор за „погрешна и лажна економија“. Мајката на премиерот е поранешен општински судија.
-Се потпишав на петицијата, затоа што се согласувам со протестот, но не сакам повеќе да расправам за таа работа- изјави Мери Камерон.
Според пролабуристичкиот весник „Дејли мирор“ потписот на петицијата, мајката на премиерот го ставила за време на престојот на Камерон во Оксфордшир, што е негова изборна единица.
Даунунг стрит 10 одби денеска да го коментира однесувањето на мајката на премиерот Камерон. Претседавачот на регионалниот совет меѓутоа, изјави дека тие се приморани да ги укинат парите за одржување на центрите за деца, затоа што владата во Лондон им ги скратила средствата, врз основа на прокламираната политика на ториевците за штедење и за скратување на буџетските трошења. Вработените во регионалниот совет, најавија 24 часовен штрајк против укинувањето на центрите за деца.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.