Во сабота, 20 април, од 11 до 15 часот во просториите на меѓународното училиште НОВА по седми пат ќе се одржи традиционалниот семеен базар организиран од самите ученици, нивните родители и професорите на училиштето. Целта на овој настан како и секоја година е да обезбеди хуманитарна помош за оние припадници на општеството на кои таа им е најпотребна. Семејниот Базар е дел од долгорочната определба на училиштето да обезбеди квалитетно образование кое вклучува развивање на свест за општествена филантропија од најмали нозе.
Средствата од овогодинешниот настан ќе бидат наменети за повеќе цели. Една од нив е поддршката на националната кампања за отворање на Ургентен центар на Универзитетската Клиника за детски болести. Дел од средствата ќе бидат донирани на Дневниот центар за лица со церебрална парализа, невладина организација одбрана од самите ученци, и “Биди Зелен”, ученичка организација фокусирана на подигање на еколошката свест и потребата од рециклирање.
Посетителите ќе можат да купат уникатни сувенири и традиционални дела, како и книги од различна област на англиски јазик по многу пристапни цени. Воедно, посетителите ќе можат да го почувствуваат мирисот и вкусот на традиционалните кујни на многуте земји од каде што потекнуваат учениците на НОВА. За време на настанот ќе се организира и лотарија со голем број на награди донирани од спонзорите на настанот. За најмладите посетители ќе биде организирано и детско катче, а учениците на НОВА ќе се претстават со свои музички и танцови точки.
Влезот за семејниот базар е бесплатен, а настанот е отворен за сите заинтересирани хумани луѓе. Од досегашните семејни базари, училиштето има обезбедено помош за организацијата “Дајте ни Крилја”, Домот на доенчиња од Битола, Центарот за рехабилитација на млади, Домот за деца без родители “11 октомври“, невладината организација „Отворете ги прозорците“, и Детската болница во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.