| четврток, 6 декември 2018 |

Француските супермаркети кои ја фрлаат непродадената храна ќе бидат казнети

фра

Франција е првата земја на светот што го усвои законот со кој на супермаркетите им се забранува да ја фрлаат или да ја уништуваат непродадената храна, со што ќе бидат принудени да ја донираат на добротворни организации и на банки за храна. Францускиот Сенат едногласно го изгласа законот со кој на големите трговски синџири им е забрането фрлањето храна.
Супермаркетите ќе бидат принудени да потпишат договор со кој се обврзуваат дека храната ќе ја донираат во добротворни организации. Истовремено, добротворните организации и банките за храна добија можност да делат милиони дополнителни бесплатни оброци на оние на кои тоа им е потребно, па сега започнуваат со барање дополнителни волонтери, складишта и фрижидери за да го дочекаат спремни зголемениот прилив на донации.
На супермаркетите им е забрането намерно да ја расипат храната за да спречат да ја изедат оние што бараат по контејнерите, имајќи предвид дека во последните неколку години порасна бројот на оние што ноќе бараат по контејнерите за да се прехранат. Активистите се надеваат дека слични закони ќе усвојат и другите членки на ЕУ.
Досега француските супермаркети, храната што не може да се продаде поради изгледот или поради краткиот рок на траење, ја фрлале во контејнерите и ја залевале со избелувач за да го спречат искористувањето на фрлената храна за исхрана. Но сега, доколку тоа го направат, би можеле да се соочат со казна до 75.000 евра или со казна од две години затвор.
Во ЕУ годишно се фрлаат 22 милиони тони храна која може да се консумира, а во тоа предначат Англија и Франција, покажала последната студија на истражувачкиот центар при Европската комисија. Истовремено во светот пропаѓаат 1,4 милијарди тони храна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top