| четврток, 6 декември 2018 |

„Антолог“ ја објави поетската збирка „Собата во пламен“ на сингапурскиот поет Алвин Панг

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје ја објави поетската збирка „Собата во пламен“, избор од поезијата на сингапурскиот поет Алвин Панг. Препевот на македонски е на Македонка Божиновска. Книгата е објавена со поддршка на Националниот совет за уметност од Сингапур и на Министерството за култура на Република Македонија.

9c5da476-d928-4734-90a2-ec6614d321b5

Алвин Панг важи за најпреведуваниот современ поет од Сингапур. Неговата поезија е преведена на дваесетина јазици и објавувана во Европа, во Азија и во Америка. Универзалноста и повеќеслојноста на неговиот поетскиот јазик ја надминуваат локалната семантика на секојдневјето – Алвин Панг не е типичен азиски поет што тешко се разделува од наследените канонски форми и мотиви. Тој е поет на тишината и на невидливите градови – и самиот честопати ги гради стиховите врз текстурата и мисловноста на Калвино и на Махмуд Дарвиш, или врз сликовитата соновност на Рене Магрит. Редакцијата на песните на македонски ја направи Никола Маџиров.

– Алвин Панг воопшто не беше преведуван во Македонија и затоа сметаме дека заслужува антологиско претставување преку избор поезија. Многупати е прогласуван за уметник на годината во Сингапур, а бил дел и од најзначајните светски книжевни резиденции и настани, како што се Меѓународната програма за пишување (IWP – International Writing Program) на Универзитетот во Ајова или Поетскиот Парнас во Лондон. Со преводот на оваа книга ќе се збогати сиромашниот книжевен фонд на азиската современа литература преведена на македонски јазик – соопштуваат од „Антолог“.

f9668792-ff63-44d3-9e02-1db4ea8e1cd4

Алвин Панг (роден 1972 година во Сингапур) е поет, писател, уредник и преведувач. Вклучен е во Оксфордската збирка на модерна поезија на англиски (второ издание, 2013) и редовно се појавува на поголеми фестивали и во публикации насекаде во светот. Тој го води и Литературниот центар во Сингапур, непрофитна интеркултурна иницијатива. Именуван е за Млад уметник на Сингапур за литература во 2005 година и го има добиено признанието „Младинска награда на Сингапур“ за уметност и за култура во 2007 година.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top