| четврток, 6 декември 2018 |

Глигор Стојковски лауреат на наградата „Григор Прличев“

Глигор Стојковски е годинешен добитник на наградата „Григор Прличев“ која традиционално се доделува за најдобра поема. Tој рече дека е посебно среќен што конечно наградата од оваа година и наградата и конкурсот го распишува сосема самостојно институција од родниот град на Прличев – Охрид со поддршка на Министерството за култура на РМ.

На свеченоста свое обраќање како домаќин имаше и директорот на Центарот за култура што го носи името на Прличев Горан Стојаноски, кој потсети на големината на преродбеникот која и денеска плени и восхитува:  „Зашто бев страдал и сакав да лечам човечки страдања‘ е мотивот што ќе го однесе Григор Прличев во хоризонтите на знаењата и ќе го натера својот живот да го посвети на создавањето плодна почва за духовен развој на заедницата. Заедно со еден дедо кој на ушка го носи босото внуче на училиште, една мајка чесна и вредна, која и од последното ќе се откаже за да создаде џин опкружен од своите современици, Миладиновци, Жинзифов, Мисирков, Цепенков. Времето го памети Григор со отворена природа. Бунтовен и нескротлив, со независно мислење кое не го чувал за себе“ рече Стојаноски.

Манифестацијата „Прличеви беседи“ шест децении го слави ликот и делото на големиот македонски поет и преродбеник од 19-тиот век, ловороносецот од Охрид своевремено ословуван како „втор Хомер“. Прличев во 1860 година за неговата поема „Сердарот“ ја добива првата награда на конкурсот во Атина, дело што се смета за апсолутен врв на сиот влог во уметноста на зборот што тој ја дал во неговото творештво. Прличев зад себе оставил уште една поема „Скендер – бег“ а во литературната историја забележана се и неговата „Автобиографија“ и песната „ 1762 лето“ .

Извадоци од наградената поема „Завет, Јад“ читаа актерите од Народниот театар во Охрид Билјана Билаловиќ и Павел Маслов.

Дводневните беседи утре ќе бидат заокружени со панихида на неговиот гроб во родниот Охрид,во 11,30  како и со настанот „Стихови и звуци“ закажан за едне час подоцна во неговата родна куќа, каде слово за неговото дело ќе одржи проф-д-р Георги Сталев Попоски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top