| четврток, 6 декември 2018 |

Д-р Ирина Богданова: Миопијата е огромен проблем на новото општество

Третирањето на очите што не гледаат кај децата е многу важно да се почне навреме. Ако не се почне навреме, се развива една амблиопија или слабовидност која настанува во центарот за гледање во мозокот и по одредена возраст видот не може да се врати, вели д-р Богданова

Десет проценти од македонските ученици имаат проблеми со видот. Систематските прегледи откриле дека 6.000 основци и 3.000 средношколци се кратковиди или имаат слепило за бои. Причина е модерниот начин на живот. Најголем дел од луѓето времето го поминуваат пред компјутери. Дури и оние на кои професијата не им е поврзана со овие уреди, голем дел од слободното време го поминуваат пред компјутер, таблет и пред телефон. Постои огромен пораст на миопијата на светско ниво, вели во интервју за „Република“ асистент д-р Ирина Богданова, офталмолог при Универзитетската клиника за очни болести во Скопје.

Последните години бројот на деца што мора да носат очила е драстично зголемен. Како ја коментирате оваа бројка?

БОГДАНОВА: За бројките за кои се говори не може со сигурност да се каже дека се конечни и точни, но факт е дека последните години дури и двојно е зголемена бројката на деца кои имаат потреба од диоптрија или кои имаат некои други заболувања на очите. Модерниот начин на живот носи и поинакви услови за растење на децата. Тие најчесто се дома и од најмала возраст се во контакт со компјутери, плејстејшн. Како што растат „играчките“ се менуваат, но постојано се пред компјутер, без разлика дали играат, читаат, или се едуцираат. Сето ова има последици. Очите најчесто најмногу страдаат. Мускулот на окото, како и сите други мускули во организмот, може да издржи напор до одреден степен, а потоа се заморува и почнува да декомпензира. Таа декомпензација се исполнува како диоптрија или појава на диоптрија кај децата.

 

dr-Irina-Bogdanova-int178-2

Мускулот на окото, како и сите други мускули во организмот, може да издржи напор до одреден степен, а потоа се заморува и почнува да декомпензира

 

Дали Македонците имаат навика да ги носат децата на превентивен очен преглед или проверката на видот е исклучиво на систематските прегледи?

БОГДАНОВА: За жал, многу се ретки родителите кои превентивно го носат детето на очен преглед. Најчесто ги носат децата на преглед ако забележат какво било однесување на детето што отстапува од нормалното – гледање телевизија од многу близу, „лепење“ за екранот, или ако забележале дека окото малку му се криви. Подобро е и покорисно кога родителите би можеле превентивно првиот очен преглед да го направат околу третата и четвртата година. Колку е диоптријата или слабовидноста на некое око кај децата порано откриена, толку подобри резултати ќе има ако се лекува навреме.

Дали ненавременото откривање на аномалиите, посебно во детска возраст, може да доведе до неповратно слабеење на видот, а потоа и до искривување на положбата на очите, т.е. до страбизам?

БОГДАНОВА: Секако. Зборот страбизам значи кривогледство или кривење на очите кое настанува како резултат на намалување на видот на окото. Односно, тоа око што се криви не гледа. Значи, доколку престане да гледа окото, тоа започнува да се криви. За да се исправи, треба да помине цел процес. Најпрво треба да се врати видот на тоа око, а тоа се прави со затворање на видот на другото око, се враќа видот на окото што не гледа, а потоа, доколу е потребно, со хируршки третман ќе се исправи окото во одредена позиција. Третирањето на очите што не гледаат кај децата е многу важно да се почне навреме. Зошто? Бидејќи ако не се почне навреме, се развива една амблиопија или слабовидност која настанува во центарот за гледање во мозокот и по одредена возраст видот не може да се врати.

Кои се знаците или симптомите кај децата што ќе ги натераат родителите да ги донесат децата на очен преглед?

БОГДАНОВА: Постојат неколку карактеристични знаци. Поголемите деца кои препознаваат наслови честопати седат премногу близу до екранот за да ги прочитаат буквите, потоа честото трепкање на очите, бидејќи со трепкањето се бистри окото за да добијат чиста слика, чешање на очите, некои родители забележуваат кривење на едното или пак на другото око.

 

dr-Irina-Bogdanova-int178-3

Покрај диоптријата, многу чести се коњуктивитите, односно инфекциите на очите

 

Кои се најчестите болести на очите?

БОГДАНОВА: Покрај диоптријата, многу чести се коњуктивитите, односно инфекциите на очите. Инфекциите се почести кај помладите, иако ги има и кај возрасните. Коњуктивитите се почесто изразени кај децата што посетуваат градинки. Карактеристично за нив е што се високоинфективни и децата многу брзо си ги пренесуваат меѓусебе. Сакам да апелирам до родителите што ќе забележат какво било црвенило или чешање на очите кај детето да не го носат одреден период во градинка додека тоа прима терапија, бидејќи многу брзо ќе ги зарази и другите деца.

Дали пациентите со висока миопија треба да бидат внимателни со физичката активност?

БОГДАНОВА: Да, треба да бидат внимателни. Ако е организмот под каков било голем напор, физички или психички, може да дојде до одлепување на ретината, а тоа значи комплетно губење на видот. Значи, пациентите што имаат миопија односно кои се кратковидни, треба да бидат исклучително внимателни при физичка активност, без разлика дали станува збор за рекреација или за кревање тежок товар.

Дали новото модерно време на живеење носи зголемен ризик од појава на диоптрија кај лицата кои најголем дел од времето го поминуваат пред компјутер?

БОГДАНОВА: Миопијата претставува огромен проблем на новото општество. Едуцираноста е на друго ниво. Најголем дел од луѓето поминуваат пред компјутери. Дури и оние на кои професијата не им е поврзана со овие уреди, голем дел од слободното време го поминуваат пред компјутер, таблет, телефон. Постои огромен пораст на миопијата на светско ниво.

 

dr-Irina-Bogdanova-int178-4

Миопијата претставува огромен проблем на новото општество

 

Дали редовното носење очила и редовните контроли се доволни да се намали диоптријата?

БОГДАНОВА: Диоптријата не се намалува со редовни контроли. Но, со редовни контроли и со редовно носење очила таа може да стагнира, значи да не напредува. Ако диоптријата што ја носи пациентот не е соодветна, со самото гледање и со самото давање напор на окото, тој многу повеќе го заморува очниот мускул. Така диоптерот расте. Ако диоптријата е соодветна, окото не се заморува. Со редовни контроли може да се доведе до стагнација на диоптријата, таа да не расте.

Која е границата на пресбиопијата или старечка далекувидност? Кога првпат треба да посетат офталмолог оние лица што немале проблеми со видот во младоста?

БОГДАНОВА: Како и кај сите други заболувања, така и границата на пресбиопијата е поместена. Порано беше над 40. година, а сега слободно може да се каже дека е над 35. година. Со овој интензивен начин на живот, со ова модерно живеење, може да се каже дека ги заморуваме очите. Затоа, по 35. година од животот е потребно да се посети офталмолог.

Раз­го­ва­ра­ше: Але­ксан­дра М. Бун­да­лев­ска
Фо­то: Але­ксан­дар Ива­нов­ски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top