Панелот на ОН објави денеска одлука дека основачот на Викиликс, Џулијан Асанж е „арбитрарно притворен“ и повика на негово ослободување.
Работната група на ОН ја повика Британија и Шведска да „го прекинат неговото лишување од слобода“, оценувајќи дека мора да се почитува „физичкиот интегритет и слободата на движење“ на Асанж.
Панелот, составен од петмина експерти, соопшти дека Лондон и Стокхолм треба да му ја надоместат штетата на Асанж.
Портпаролот на британскиот премиер Дејвид Камерон изјави вчера дека Асанж ќе биде уапсен доколку излезе од амбасадата на Еквадор, без оглед на одлуката на комисијата на ОН.
Тој рече дека која било одлука на комисијата на ОН која ја разгледува жалбата на Асанж, нема да биде правно обврзувачка и дека налогот за негово апсење ќе биде извршен доколку тој ја напушти амбасадата.
Асанж вчера изјави дека ќе и се предаде на британската полиција ако комисијата на ОН не донесе одлка во негова корист, но додаде дека, доколку одлуката биде поинаква, очекува веднаш да му се врати пасошот и „да се запре обидот за апсење“.
Асанж до Работната група на ОН во септември 2014 поднесе тужба против Шведска, Велика Британија поради одлуката за арбитрарен притвор поради кој не може да ја напушти амбасадата на Еквадор, а да не биде уапсен.
Асанж (44) најде уточиште во амбасадата на Еквадор во Лондон во јуни 2012 година, за да избегне испорачување на Шведска, каде го бараат заради испитување поради обвиненијата дека извршил силување во 2010 година, кои тој ги демантира.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.