Последните случувања околу бегалската криза и состојбата на граничните премини, беа во фокусот на денешните разговори на претседателот Ѓорге Иванов со германската канцеларка Ангела Меркел, во рамки на учеството на Самитот во Лондон посветен на Сирија, соопшти Кабинетот на претседателот.
На средбата, македонскиот претседател ја информираше Меркел за последните случувања на македонско-грчката граница, како и за мерките кои Македонија во континуитет ги презема за справување со бегалската криза.
„Иванов истакна дека и покрај тоа што Македонија во моментов пропушта бегалци само од трите држави зафатени со воени дејствиjа, сепак и натаму бројките се мошне високи, посебно имајќи ги предвид зимските временски околности. Германската канцеларка изаразила надеж дека усогласениот договор меѓу ЕУ и Турција ќе функционира и дека сите преземени обврски ќе бидат испочитувани и исполнети“, се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет.
Воедно, на средбата со претседателот Иванов, Меркел изразила интерес околу развојот на политичките случувања во Република Македонија и во регионот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.