Во организација на РСБСП, се одржа сообраќајно-едукативна трибина за младите на тема: „Животот е во твои раце–Вози одговорно“.
Ниту еден автомобил нема да ја зголеми вашата безбедност, ниту да ве заштити од повреди, во случај на сообраќајна незгода. Моќниот автомобил во комбинација со брзо возење, алкохол и непочитување на сообраќајните правила, се причина број еден за сообраќајни незгоди со фатални последици – ова беше главната порака упатена до младите возачи на денешната трибина која се одржа во Скопје, во организација на РСБСП. Свои презентации и пораки за безбедност во сообраќајот до младите учесници кои дојдоа во голем број, упатија: професорот на техничкиот факултет во Битола и член на РСБСП, Зоран Јошевски, професорот на медицинскиот факултет, доктор-тауматолог, Виктор Камиловски и потпаролот на АМСМ, Росана Јанков.
Професорот Јошевски на присутните им укажа за грешките кои најчесто ги прават младите возачи, потенцирајќи дека брзината е немилосрдна и најголем причинител за сообраќајни незгоди со смртни последици, а сето тоа произлегува од неискуството на младата популација и склоноста кон ризично однесување во сообраќајот. Тој додаде дека младите треба да бидат свесни дека ниту еден автомобил, без разлика дали станува збор за некоја од поскапите марки, нема да ја зголеми нивната безбедност и нема да ги заштити во сообраќајна незгода случена со голема брзина.
Докторот Камиловски, во своето излагање акцент стави на повредите кои настануваат како последица од несовесното однесување на патиштата. Тој посочи дека, во случај на сообраќајна несреќа, првите минути се најважни за да се спаси повредениот, односно, многу е важно да му се пружи правилно прва помош и секако, веднаш да се повика брза помош.
Во најголем број од сообраќајните несреќи, најмногу страдаат главата, вратот и р’бетот. Многу е важно да се користи безбедносниот ремен кога управувате со возилото бидејќи само на тој начин се отвораат безбедносните перничиња, но сепак, доколку брзината на движење е 200 километри на час, ниту тие не би можеле да ги спречат повредите кои можат да настанат, па дури и да бидат со смртен исход. Сепак, сите ние сме човечки суштества.
– Сакам да потенцирам дека сами мора да бидеме свесни за последиците од несовесното однесување во сообраќајот, и да не мислиме дека нас тоа не може да ни се случи, туку одговорно и совесно да се однесуваме додека управуваме со возилото – истакна проф. Камиловски.
Сообраќајниот трауматизам, односно повредите при сообраќајни незгоди, проф. Д-р Камиловски ги потенцираше како водечка причина за смрт кај младите.
Потпаролот на АМСМ, Росана Јанков, посебно нагласи, колку е важно патиниците да ги користат безбедносните појаси, и не само на предните, туку и на задните седишта во автомобилот.
Воедно упати апел да не се пречекорува дозволената брзина, да се управува возилото според условите на патиштата, да не се зборува на мобилен телефон додека се управува со возилото и да не се консумира алкохол и дрога, како едни од најголемите предизвикувачи на сообраќајни незгоди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.