| четврток, 6 декември 2018 |

Трибина за ликот и делото на Светлана Антоновска

Организацијата на жени на град Скопје, денеска со почеток во 17 часот, во малата сала на Социјалистичката партија во Скопје, ќе биде домаќин на трибина за ликот и делото на истакнатиот општественик, политичар статистичар и научник Светлана Антоновска – македонската челична дама. Трибина за една од најзначајните жени во современата историја на Република Македонија – личност којашто во нашето општество треба да претставува пример и модел на општествено активна и успешна жена, којашто остава неизбришливи траги во развојот на општеството, науката и државата, но и трибина за личност којашто е еден од симболите на достоинството на жената на овие простори.

Модератор на трибината ќе биде проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ, а за историското значење на Антоновска и за нејзината општествено-политичка и научна активност ќе говорат: Благородна Мингова Крепиева, поранешен пратеник во Собранието на Република Македонија и амбасадор на Република Македонија во Република Албанија, проф. д-р Васил Тупурковски и Виолета Цветковска, новинар и поранешен уредник во „Нова Македонија“, „Утрински весник“ и „Вечер“. Потем, активно учество со дискусија ќе земат и присутните на трибината.

На средбата ќе биде претставена и монографијата за Антоновска, објавена во октомври годинава.

Со ова се заокружуваат активностите со коишто се одбележуваат 65-годишнината од раѓањето и 1 година од прераното физичко заминување на оваа значајна личност на македонскиот XX век.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top