Во Драмски театар Скопје почнаа пробите на новиот проект „Снежата и седумте џуџиња“ според браќата Грим, во адаптација и драматизација на Александра Бошковска, а во режија на Димче Николовски, информираат од Драмски.
Актерската екипа на претставата ја сочинуваат: Александра Павлова, Трајанка Илиева – Велиќ, Златко Митревски, Александар Степанулески, Димитрија Доксевски, Мартин Минговски, Дритон Вејсели, Соња Стамболџиоска, Игор Георгиев, Благица Димитровска, Емилија Мицевска, Бобан Алексоски, Дарко Кабески, Марко Илиќ.
Премиерата на претставата се планира во втората половина на март 2016 година.
– Приказната за Снежана, нејзината лоша маќеа и за седумте џуџиња е веројатно првата покомплексна приказна со која се среќаваме како деца. Преку неа, влегуваме во чудесниот нов свет на фантастичното, исполнет со волшебни суштества, нереални предели и магии. Од друга страна, за првпат и на приемчив начин нѐ соочува со комплексните морални и животни поими и појави како што се љубовта, смртта, зависта, љубомората, доброто и злото. Па воопшто не е чудно што генијалниот Волт Дизни ја избрал токму оваа бајка како предлошка за првиот долгометражен анимиран филм на сите времиња.
Кога ќе тргнеме од овие позиции, се чини дека „Снежана и седумте џуџиња“ е идеална приказна преку која децата ќе ги внесеме во уште еден нов и чудесен свет – светот на театарот. Дејството, ликовите и поуките им се добро познати, па лесно се следат иако се преточени во поинаков, театарско-сценски раскажувачки модел. Истите околности, ни отвараат и уште една многу важна креативна перспектива: вметнување нови, актуелни пораки, соодветни на денешното, современо доба – вели Бошковска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.