| четврток, 6 декември 2018 |

Денешната средба меѓу Дачиќ и Тачи последна шанса на Белград за датум во јуни

 Премиерите на Србија и на Косово денеска повторно ќе се сретнат во Брисел на повик на високата претставничка на ЕУ, Кетрин Ештон, во обид да дојдат до конечно решение за српските општини во Косово.

Целта е да се види дали има придвижување на ставовите и да се подобри и прецизира претходната понуда која ја отфрли Белград. Премиерот на Србија, Ивица Дачиќ, и неговиот косовски колега Хашим Тачи не постигнаа договор на последната средба на 2 април.

Дачиќ рекол дека состанокот бил закажан итно, а главна тема ќе бидат условите на Србија за да го прифати договорот со Приштина.

Како што неофицијално порачуваат од Брисел, ова е последна шанса Србија да го исполни условот на Европскиот совет за да добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ во јуни.

По веста дека денеска ќе бидат продолжени разговорите, беше одложено  и усвојувањето на извештајот на европскиот комесар за проширување Штефан Филе кое требаше да биде претставено вчера пред членовите на Европската комисија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top