СДСМ ја прифати методологијата за проверка на Избирачкиот список предложена од страна на Државната изборна комисија. Субхи Јакупи, член на комисијата, за „Телеграф“ потврди дека, конечно, има дозвола од сите партии да почнат со проверка на списокот на гласачи
Државната изборна комисија сериозно почна да се подготвува за изборите на 24 април. Во медиумите е објавен повик за ИТ-компании и експерти, кои треба да ја вршат вкрстената проверка на базите на податоци на државните институции. Тие треба да направат проверка на избирачкиот список според договорот што го направија партиите за фер и демократски избори.
На листата институции од кои ДИК ќе ги преземе податоците се Фондот за здравство, Агенцијата за вработување, Централниот регистар, Фондот за пензиско и за инвалидско осигурување, Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за водење матични книги, УЈП, Министерството за земјоделство, за тие што примаат земјоделски субвенции), Министерството за труд и социјална политика за приматели на социјална помош како и Народна банка.
Според огласот, аналитичарите што ќе работат на проверка треба да ги проверуваат базите на податоци со тие од другите институции, но притоа ќе мора да обезбедат и заштита и можна злоупотреба на податоците и почитување на правото на приватност.Членовите на Комисијата уверуваат дека има време за проверка на податоците и дека ќе успеат да ги почитуваат сите рокови
Откако ќе се проверат компјутерските податоци, за што, според процените, ќе бидат потребни дваесетина дена, ќе почне и теренската проверка таму каде што нема совпаѓање.
Работата досега ја сопираше само СДСМ, кој требаше да даде дозвола за Комисијата да почне со работа. Иако минатата недела опозициската партија вети дека ќе ги повлече сите забелешки за проверка на списокот на гласачи, само по неколку дена го смени ставот. Лидерот на партијата Зоран Заев се изјасни дека нема време за прочистување на спиското и побара изборите да се одложат за јуни или за јули.
Амбасадорите на ЕУ и на САД, Аиво Орав и Џес Бејли најавија дека најдоцна до 20 февруари ќе дадат оценка дали се иполнети условите за одржување на изборите во април.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.