Во македонскиот етер од вечерва во 19 часот ќе почне да зрачи ТВ „Нова“. Станува збор за нов медиум, опремен со најсофистицирана телевизиска опрема и со новинарски кадар составен од искусни професионалци и млади новинари.
Главен и одговорен уредник на информативната програма е Билјана Василева – Трендафилова. Во интервју за „Утрински весник“ Василева – Трендафилова истакнува дека концептот на ТВ „Нова“ се темели на идејата гледачите да добиваат многу повеќе од обични вести, односно телевизијата да функционира како еден вид арена, каде што ќе има простор да се слушнат многу различни ставови, уште повеќе анализи и дебати, што на гледачите ќе им понуди едно сосема ново искуство во поглед на вестите.
„Телевизијата ќе функционира како еден вид арена, каде што ќе има простор да се слушнат многу различни ставови, анализи и дебати“, вели Билјана Василева-Трендафилова, главен и одговорен уредник на ТВ „Нова“ за „Утрински весник“.
Од денеска во етерот почнува да зрачи телевизијата ТВ „Нова“. Вие ќе бидете главен и одговорен уредник на информативната програма. Што ќе им понудите на гледачите, повеќе политика, економија, дебати…
Главниот производ на ТВ „Нова“ ќе бидат точни, навремени и проверени информации, кои ќе бидат сервирани во текот на целиот ден. Од тука, може да се каже дека во фокусот на ТВ „Нова“ првенствено ќе биде информацијата, без разлика дали станува збор за политичка, бизнис, забавна или спортска вест. Целта ни е секоја вест што на кој било начин ги засегнува гледачите, да го добие заслужениот третман и простор. Идејата е, всушност, гледачите на ТВ „Нова“ да добиваат многу повеќе од обични вести, односно телевизијата да функционира како еден вид арена, каде што ќе има простор да се слушнат многу различни ставови, уште повеќе анализи и дебати, што на гледачите ќе им понуди едно сосема ново искуство во поглед на вестите. Всушност, може да се каже дека во ТВ „Нова“ новинарите, конечно, имаат ресурси за работа, кои досега во Македонија ги среќававме само во учебниците по новинарство, а беа сон на секој новинар. Тоа што го гледаме само на светските и регионалните канали за вести, од технички аспект, конечно, ќе го практикуваме и во нашата земја.
Сметате ли дека во Македонија има доволно настани за да се пополни целодневна информативна програма?
Се разбира дека има. Во Македонија, во однос на ТВ-информирањето досега сме се навикнале само на еден тип информативни блокови, популарно наречени ТВ Вести. Тие најчесто траат околу половина час и има време само да се набројат случувањата од денот и евентуално една до две информации да се разработат подетално. Вестите од светот се сведуваат само на три минути, а за бизнис-вестите се издвојуваат максимум десет минути. Тоа не е доволно за гледачите да добијат целосна слика за одреден настан. И од моето долгогодишно искуство првин како новинар, а потоа и како уредник на бизнис-вестите во неколку телевизии, можам да кажам дека често сум останувала недоискажана поради временските ограничувања. Во ТВ „Нова“ нема да има простор за недоречености. Секоја информација ќе има свој почеток, своја кулминација и свој расплет и тоа ќе биде секојдневно следено од нашите репортери. Тука својот заслужен простор ќе го добијат и бизнис-вестите, како вестите од светот, што ќе им отвори нови хоризонти на гледачите. За таа цел ТВ „Нова“ има склучено договори за размена на информации со светската агенција „Ројтерс“, но и соработка со агенцијата „Блумберг“, на што како новинар од бизнис-секторот особено се радувам.
На македонскиот пазар може да се каже дека во телевизискиот етер има силна конкуренција, а традиционалните медиуми во дигиталната ера се соочуваат со многубројни предизвици. Како ќе се борите за своето место на пазарот?
ТВ „Нова“, иако навидум спаѓа во категоријата на традиционални медиуми, таа како концепт и тоа како е потребна во нашиот медиумски етер, токму поради фактот што тој изминатите години навлезе длабоко во дигиталните води. Во таквото море од информации ТВ „Нова“ како медиум од информативен карактер ќе биде бродот што за публиката ги лови сите најважни информации од земјата и од светот, еден вид навигатор, кој гледачите ќе ги води до точните и проверени информации, на тој начин елиминирајќи ја можноста тие да се загубат во морето и освојувајќи ја нивната доверба. Нашиот план е ТВ „Нова“ да се позиционира како водич низ светот на информациите, но и како лидер на медиумскиот пазар во Македонија и во регионот.
Вие сте телевизиски човек, а во ТВ „Нова“ доаѓате од Македонската радио-телевизија, сега сте пред нов предизвик, какво искуство ќе пренесете во новата телевизија и на новиот тим?
Исклучителен предизвик е да се застане на чело на тим на проект од ваков формат, кој за првпат се реализира во нашата земја. Тоа бара еден сосема поинаков пристап на работа од оној којшто сме го практикувале досега. Најважно е да создадеме флуид, затоа што успехот на оваа телевизија зависи од секој вработен поединечно, односно од сечиј поединечен влог во тимската игра. Затоа од самиот старт инсистирав на млада екипа, која ќе почне да се гради врз такви норми на работа. Доколку успееме да создадеме таква енергија, таа многу лесно ќе ја пренесеме и во етерот.
ТВ „Нова“ е веќе екипирана, доминира младоста или искуството?
Во духот на името на телевизијата, ќе биде и тимот. Се работи за главно нови и неекспонирани медиумски лица, кои дополнително ќе придонесат за нова свежина во македонскиот етер. Ќе имаме 32 дописници од цела Македонија, што ќе овозможи не само фигуративно, туку и, буквално, да бидеме најблиску до нашите гледачи. Но, се разбира, главниот ветер во грб на младите колеги, покрај од мене како главен и одговорен уредник, ќе доаѓа и од моите заменици, Љубиша Николовски, Анита Петровска и Гоце Михајлоски.
Извор: „Утрински весник“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Му ја отсекле ногата и му ја ставиле под глава како перница
-
Груевски со интервју на ТВ Нова вечерва во 20:30 часот
-
Георгиевски: Сакаат да ја поделат Македонија на три дела и македонскиот народ да го окарактеризираат како геноциден
-
ТВ Нова и вработените во фирмите на Сеад Кочан продолжуваат со протести пред СЈО