| четврток, 6 декември 2018 |

Верижен судир на 71 возило во Словенија, засега 5 мртви (галерија)

Најмалку пет лица загинале во една од најтешките сообраќајни несреќи кои се случиле во Словенија во која учествувале 71 возило, потврди полицијата во саботата навечер.

Густата магла е основната причина за верижниот судир кој се случи на автопатот Љубљана – Копер, во саботата околу 14 часот. Поради големиот број возила кои учествувале во несреќата, меѓу кои и најмалку четири камиони и автобус, автопатот е затворен во саботата навечер.

slovenija

Засега не е познато дали меѓу загинатите и повредените има странски државјани. Медиумите пишуваат дека поради многу тешко повредени, бројот на жртвите би можел да се зголеми.

Во Универзитетскиот клинички центар во Љубљана биле пренесени седум повредени, кои се надвор од животна опасност, а уште две лица со тешки повреди треба да бидат довезени од болница во близина на Копер. Во болницата во Изола, пак, биле довезени 22 повредени, од кои деветмина се хоспитализирани, а двајца од нив се во критична состојба.

adg

Словенечката полиција објави дека несреќата се случила меѓу местата Сеножече и крстосувањето кај Нанос во правец на Љубљана, а причината е многу малата видливост поради маглата, неприлагодената брзина и премалата безбедносна оддалеченост меѓу возилата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top